Култура

Отворена изложбата “Млади уметници” на Агенцијата за млади и спорт

Во Националната Галерија на Македонија – Мала Станица, беше отворена изложбата за млади и талентирани уметници, која е резултат на еден од новите проекти на Агенцијата за млади и спорт за поддршка и промоција на потенцијалот и талентот кај младите уметници.  

четврток, 12 ноември 2015

Во Националната Галерија на Македонија – Мала Станица, беше отворена изложбата за млади и талентирани уметници, која е резултат на еден од новите проекти на Агенцијата за млади и спорт за поддршка и промоција на потенцијалот и талентот кај младите уметници.

Изложбата ја отвори директорот на Агенцијата за млади и спорт, Марјан Спасески кој потенцираше дека сите иницијативи кои се однесуваат на поддршка и поттикнување на младите и креативни луѓе, без оглед за кој професионален домен да стане збор, се за пофалба и афирмација.

- Кога кон крајот на минатата година започнавме со реализација на проектот за откривање на уметничките потенцијали кај младите луѓе, симболично наречен "Young art", искрено не верував дека ќе имаме олкав интерес од страна на младите и талентирани уметници. Денес, длабоко сум уверен дека полека но сигурно ја остваруваме целта, да ги поттикнеме младите да ги покажат своите дела пред јавноста, но и да бидат мотивирани и понатаму да творат и да го развиваат својот талент. Најдобрите ги наградивме со симболична награда во висина од 40.000 денари, но најголемата награда за сите нив е оваа изложба, од која најголем бенефит ќе има и онака богатата македонска културна и уметничка ризница, рече Спасески.

На изложбата се претставени делата од младите талентирани визуелни уметници кои се натпреваруваа во пет дисциплини: сликарство, графика, скулптура, фотографија и графички дизајн. Овогодинешни добитници на наградите се: Андреј Шумковски – графички дизајн, Бојан Стојковски – сликарство, Драганчо Таневски – графика, Зоран Шеќеров – фотографија и Стефан Нешковиќ – скулптура.

Настанот има продажен карактер, така што сите заинтересирани ќе можат да ги откупат делата од младите уметници кои учествуваа на овој конкурс. Изложбата ќе биде отворена до 18 ноември 2015 година.

(Преземено од МИА)

 

Содржината е прочитана 614 пати.