Култура

Фестивалот на пивото во Прилеп ќе се одржи од 18 до 21 јули

На „Пивофест“ ќе настапат популарни музички имиња од домашната сцена, но и од регионот, како што се Влатко Стефановски, Тамара Тодевска, Цеца, Фрајле и многу други, а фестивалските денови ќе бидат дополнети со богата алтернативна програма

четврток, 27 јуни 2019

Традициналниот фестивал на пивото „Пиво фест 2019“ ќе се одржи од 18 до 21 јули во центарот на Прилеп, а мотото на годинашното 17. издание на фестивалот е „За добра мисла“. На манифестацијата ќе настапат популарни музички имиња од домашната сцена, но и од регионот, како што се Влатко Стефановски, Тамара Тодевска, Цеца, Фрајле и многу други.

Ова беше речено на денешната прес-конференција во Општина Прилеп, на која организаторот, агенцијата „Баги комуникејшнс“ посочи дека „Пиво фест 2019“ и овој пат ќе се организира на досегашната локација на површина од 4.100 квадратни метри, каде на преку 20 штандови ќе учествуваат повеќе пиварници од земјата и од странство.

„Ќе има забава за сите генерации и се надеваме дека ќе имаме бројни посетители“, рече градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски, потенцирајќи дека годинава нема да има огномет и дека средстваата предвидени за тоа ќе бидат наменети за Клубот на лекувани алкохоличари.

За организација на фестивалот Општина Прилеп обезбеди 2,5 милиони денари за покривање на авторските хонорари на учесниците.

Од „Баги комуникејшнс“ рекоа дека направиле програма за секој граѓанин, што значи ќе бидат застапени сите видови музика: рок, народна, рокенрол, алетернативна, поп музика.

„Голем предизвик е да се организира ваков фестивал кој има 16-годишна традиција и до Белград е регионално најголем, а е во врвот на најголемите македонски фестивали. Програмата е конципирана за сите генерации, со посебен акцент на локални и наши групи изведувачи. Направен е избор на различен вид музика со гости од целиот регион“, рече Владимир Мандичевски од „Баги комуникејшнс“.

Фестивалот во четврток ќе го отворат „Прилепски еснафи“, потоа ќе настапат Селимова Желчески, Ѓорѓе Давид и Ивана Негатив, а на крајот на првиот ден рок бендот „Галија“. Во петок гостите ќе ги забавуваат Ален Хасановиќ, Миле Кузмoноски, Кантурови и Цеца. Во сабота настапуваат Влатко Стефаноски Трио, Фрајле и Тамара Тодеска. Последната вечер се „Бен Хур“, „Кал Бенд“ од Белград кој изведува џипси рок, Сања, Маринко и Зец од „Нови фосили“, а фестивалот ќе го затвори „Сирилик“ – посочи Мандически од агенцијата Баги. Најавена е и богата алтернативна програма за раните утрински часови.

Јана Јанеска Ристески од локалната самоуправа наброи богата алтернативна програма во сите денови на Фестивалот.

„Ставаме акцент на алтернативните настани како можност да се издигне Фестивалот на повисоко ниво за да се развијат креативниот туризам и креативните индустрии. Ќе има и сервис за посетителите за информации за сите достапни институции, како хотелите, хостелите, рестораните, службите на Итна помош, на полицијата, ќе има штанд за ’изгубено-најдено’, ќе има ’Пејн-бол – арена достапни 24 часа, се воведува игра ’Пивопол’ во вечерните часови пред почетокот на главната програма, за прв пат ќе има активна детска зона, преку денот ќе има летна забава во ’Аквапаркот, а во Паркот на Револуцијата, пак, ќе биде активна ’кампинг-зоната’ за сите кои ќе кампуваат на Фестивалот. За младите во ноќите до раните утрински часови ќе има алтернативна програма на камената бина на плоштадот ’Александрија’. За времетраење на Фестивалот, со познатото ’Вовче’ ќе има презентација на културните знаменитости на Прилеп“, рече Јанеска Ристески.

 

Содржината е прочитана 272 пати.