Инфо

Тоше Проески конечно ќе добие вечно почивалиште какво што заслужува

Општина Крушево го избра идејното решение за уредување на гробот на Гумење во Крушево, чија реализација се проценува дека ќе чини околу 150 илјади евра. Автор на решенито е Жарко Чаушевски

среда, 26 јуни 2019

Дванаесет години по смртта македонската поп икона Тоше Проески конечно ќе добие вечно почивалиште какво што заслужува. Општина Крушево го избра идејното решение за уредување на гробот на Гумење во Крушево, чиј автор е Жарко Чаушевски.

Чаушевски, кој е добро познат на јавноста по своите идејни решенија на бројни проекти од „Скопје 2014“ бил единствениот пријавен на конкурсот на Општина Крушево.

Од „360 степени“ по барање упатено до Општината ги добија и ги објавија првите фотографии од идејното решение кои го прикажуваат идното почивалиште на Тоше од неколку агли, за чиј изглед и содржини било консултирано и неговото семејство.

Од Општина Крушево проценуваат дека изградбата ќе чини околу 150 илјади евра, средства за кои веќе аплицирале до Министерството за култура. Оттаму се надеваат дека изградбата ќе почне годинава.

„Според конкурсот на Министерството за култура, за користење на капитални дотации за финансирање капитални ивнестициски проекти од областа на културата, Владата до 30 јуни ќе ги добие предлог-проектите за финансирање, во кои спаѓа и гробното место на Тоше Проески. До 15 декември ќе се реализираат финансираните проекти, повторно според повикот на Министерството. Очекуваме да ни ја одобрат бараната сума. До тогаш проектот ќе биде изработен и веднаш ќе можеме да започнеме со реализација. Сега постапката е во фаза на изработка на основен проект“, вели Сотир Габелоски, задолжен за односи со јавност во Општина Крушево.

Изградбата на гробот на Тоше Проески требаше да почне уште минатата година, но, како што појаснува Габелоски тоа не се случи поради комплицираната бирократска процедура за пренос на ингеренциите од централната на локалната власт. Сега таа постапка е завршена и веќе нма никакви пречки да почне реализацијата на овој долгоочекуван проект.
 

Содржината е прочитана 72 пати.