Инфо

Од денеска може да се аплицира за субвенции за електрични тротинети и за велосипеди

Град Скопје ќе надоместува 30 проценти од вредноста на електричниот тротинет, но не повеќе од 7.000 денари, со вклучен персонален данок на доход, и 50 проценти од вредноста на новиот велосипед, но не повеќе од 3.000 денари, со вклучен персонален данок на доход

среда, 26 јуни 2019

 

Градот Скопје денеска распиша два јавни повици за субвенционирање за купување електрични тротинети и за купување велосипеди.

Првиот јавен повик се однесува за субвенционирање на оние граѓани кои ќе купат нов електричен тротинет во Република Северна Македонија од 1 јануари годинава па се до исцрпувањето на буџетот наменет за овој Јавен повик, но не подоцна од 30.11.2019 година. Со овој повик се предвидува Градот да надомести 30 проценти од вредноста на електричниот тротинет, но не повеќе од 7.000 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход.

Барателот треба да достави Барање за субвенција за купување на еден електричен тротинет (Барањето може да се подигне во архивата на Град Скопје или да се обезбеди од интернет страницата на Градот: www.skopje.gov.mk), потоа доказ за жителство во Град Скопје, со доставување копија на важечка лична карта на барателот, фотокопија од трансакциска сметка на барателот, изјава дека барателот досега нема искористено субвенција за купување електричен тротинет од Град Скопје, оригинал фискална сметка издадена во Република Северна Македонија со датум од 01.01.2019 година се до исцрпувањето на буџетот наменет за Јавниот повик, но не подоцна од 30.11.2019 година.

Барањето заедно со потребната документација се доставува до соодветната Комисија, преку Архивата на Град Скопје, бул.„Илинден“ бр.82, секој работен ден од 09 до 15 часот.

Едно лице може да поднесе само едно барање за добивање надоместок за еден електричен тротинет, а јавниот повик ќе биде реализиран по принципот „Прв дојден, прв услужен“.

Целиот јавен повик може да се види на следната интернет врска – www.skopje.gov.mk/Uploads/JavenPovik/Јавен Повик тротинети.pdf

Другиот Јавен повик се однесува на субвенционирање за купување велосипеди и на него можат да учествуваат сите граѓани на Скопје кои имаат купено нов велосипед почнувајќи од 27.05.2019 па се до 30.11.2019, или до исцрпување на буџетот наменет за овој повик.

Градот ќе субвенционира 50 проценти од вредноста на новиот велосипед, но не повеќе од 3.000 денари, со вклучен персонален данок на доход. И овој јавен повик ќе биде реализиран по принципот „Прв дојден, прв услужен“.

За да може да учествува на јавниот повик секој заинтересиран треба да достави барање за субвенција за купување на еден велосипед (Барањето може да се подигне во архивата на Град Скопје или да се обезбеди од интернет страницата на Градот: www.skopje.gov.mk), доказ за жителство во Град Скопје, со доставување копија на важечка лична карта на барателот, фотокопија од трансакциска сметка на барателот, изјава дека барателот досега нема искористено субвенција за купување на велосипед од Град Скопје, оригинал фискална сметка издадена во Република Северна Македонија, со датум од 27.05.2019 година се до исцрпувањето на буџетот наменет за Јавниот повик, но не подоцна од 30.11.2019 година.

Барањето за надоместок на дел од трошоците за купување велосипед, заедно со потребната документација, граѓаните во затворен плик ги доставуваат до соодветната Комисија, преку Архивата на Град Скопје, бул. „Илинден“ бр.82, секој работен ден од 09 до 15 часот.

Целиот јавен повик граѓаните можат да ги видат на следната интернет врска -
www.skopje.gov.mk/Uploads/JavenPovik/Јавен Повик Велосипеди 2019.pdf
 

Содржината е прочитана 255 пати.