Бизнис вести

Туристите ќе се заштитуваат со банкарска гаранција или со осигурување на аранжманот

Со измените на Законот за туристичка дејност се разграничуваат две категории – тур оператори кои се организатори на патувањето и туристички агенции кои ги продаваат аранжманите, додека лиценцата за работа ќе се издава за две или три години, а не без ограничување

вторник, 25 јуни 2019

Туристичките работници веруваат дека со брзо донесување на измените на Законот за туристичка дејност конечно ќе се стави ред во туристичката дејност и дека со банкарска гаранција или со осигурување на аранжманот, на граѓаните ќе им се нудат сигурни патувања. Од Здружението за угостителство и туризам при Стопанската комора на Македонија се надеваат дека до летово ќе имаат законско решение кое ќе биде во интерес и на граѓаните и на туристичките агенции и тур оператори.

„Банкарската гаранција е многу важна за да може да ги заштитиме патниците во случај доколку се случи нешто, тие да се вратат безбедно назад. Некои, пак, предлагаат да се осигура аранжманот и во тој случај ако се случи нешто, сите одговорности ги презема осигурителната компанија. Во овој момент не знаеме што ќе се избере, но во секој случај ова е позитивна работа за сите патници кои патуваат надвор да бидат безбедни“, рече вчера заменик претседателот на Здружението, Славе Сирачески.

За туристичките работници е важно е општите условите за патување да бидат дефинирани со подзаконски акти кои ќе бидат во надлежност на министерот и ќе може да се менуваат брзо доколку е потребно, а не како што е досега во рамки на законот. Бидејќи, без дефинирани општи услови на патување кои ќе соодветствуваат со условите за патување што се договорени во светски рамки, се остава простор често да има основ за покренување претставки или казни за кои реално агенциите не се виновни.

Со законските измени се разграничуваат две категории – тур оператори кои се организатори на патувањето и туристички агенции кои ги продаваат аранжманите. Исто така, во иднина лиценцата за работа ќе се издава за две или три години, а не како досега без ограничување.
 

Содржината е прочитана 124 пати.