Бизнис вести

Потпишана Согласност за соработка за спроведување прелиминарна проценка на проектот за ХЕЦ „Чебрен“

ХЕЦ „Чебрен“ има потенцијал на државата да и обезбеди чиста обновлива енергија и да и овозможи да ја намали зависноста од јаглен. Тендерската постапка ќе биде распишана до крајот на годинава, треба да заврши во првата половина на 2020, а првата енергија во електричниот систем се очекува да протече во 2025 или 2026 година

петок, 21 јуни 2019

Меѓународната финансиска корпорација ИФЦ, членка на Групацијата Светска банка и Владата на Северна Македонија денес потпиша Согласност за соработка за спроведување прелиминарна проценка на Проектот за Хидроелектричната централа „Чебрен“. Со договорот што го потпишаа вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев и потпретседателката на ИФЦ, Георгина Бакер, треба да се изработи обновена бесплатна студија за проектот „Чебрен“ во кој АД ЕЛЕМ ќе биде дел од јавно-приватното партнерство.

„Проектот ’Чебрен’ е стар колку и јас и го има правено ИФЦ, како и тендерската документација. Тоа ќе го искористиме, но ќе го надградиме со неколку променети работи. Променет е енергетскиот пазар и сега е либерализиран. ’Чебрен’ ќе биде електрана што ќе дава балансна енергија и ќе биде атрактивна за инвеститорите. Ќе биде направена на основа на јавно-приватно партнерство. АД ЕЛЕМ ќе биде јавниот партнер, бидејќи сега е многу помоќна компанија, а државата е сега многу постабилна и поатрактивна за странски инвеститори“, рече Анѓушев.

Проектот за ХЕЦ „Чебрен“ има потенцијал на државата да и обезбеди чиста обновлива енергија и да и овозможи да ја намали зависноста од јаглен со кој сега се произведува електрична енергија за повеќето од домовите и бизнисите. Но, проект исто така ќе обезбеди важни услуги за енергетските системи и во другите земји од регионот.

„Северна Македонија има добар потенцијал во однос на производството на хидроелектрична енергија. Нашата цел е да и помогнеме на државата да го забрза одржливиот раст. Со нетрпение очекуваме да работиме заедно со Владата и со другите развојни партнери на изработката на проценката на проектот за хидроелектраната ’Чебрен’, кој претставува клучна иницијатива за подобрување на идната енергетска сигурност на земјата“, изјави Џорџина Бејкер, потпретседател на ИФЦ за Европа, Централна Азија, Латинска Америка и Карибите.

„На крајот на октомври ќе се апдејтира студијата на ИФЦ со најнови податоци од технички аспект и ќе се обнови тендерската постапка која ќе биде распишана до крајот на годинава. Очекуваме постапката да биде завршена во првата половина на 2020 и да почнеме во текот на истата година. Првата енергија во електричниот систем се очекува да протече во 2025 или 2026 година“, додаде Анѓушев
 

Содржината е прочитана 121 пати.