Бизнис вести

Европскиот суд го прогласни заштитното лого на „Адидас“ за неважечко

Објаснувањето е дека трите паралелни ленти со иста ширина кои се применуваат на производот во било која насока не стекнале специфичен карактер во целиот европски блок

петок, 21 јуни 2019

Европскиот суд донесе пресуда против германскиот произведувач на спортска опрема „Адидас“ и го прогласи за неважечко логото со три ленти.

Генералниот суд на Европската Унија соопшти дека ја потврдил одлуката на Европската канцеларија за интелектуална сопственост (ЕУИПО) во 2016 година за поништување на претходна одлука за прифаќање на трговската марка, објаснувајќи дека не е со доволно специфичен карактер, соопшти „Ројтерс“. Меѓу другоото, судот нагласува дека „Адидас“ обезбедил докази за употребата на трговската марка во пет земји на ЕУ, но не и во целиот блок.

„Жигот не e шематски приказ на низа елементи кои се повторуваат во правилни интервали, туку обична фигуративна ознака“, напишал Судот во соопштението.

„Адидас“ може да поднесе жалба до Европскиот суд на правдата.

Пред објавата на пресудата, застапниците на „Адидас“ нагласиле дека конкретниот пример се однесува само на една верзија на логото со три ленти и оти оваа пресуда нема да влијае на опсежната заштита на други облици на логото со три ленти низ институтот на жигот на производот.

„Решението не влијае на нашата способност да ги користиме и заштитиме трите ленти. Иако сме разочарани од одлуката, ние го цениме и поздравуваме судот кој ни даде корисни насоки за заштита на нашиот бренд со три ленти, прикажан на нашите производи во каков и да е правец во иднина“, изјавил портпаролот на „Адидас“.

Германската компанија за спортска опрема во 2014 година ја регистрираше во Заводот за интелектуална сопственост на ЕУ трговската марка за облека и обувки велејќи дека се состоела од три паралелни еднакви ленти со еднаква ширина кои се применуваат на производот во која било насока.

Две години подоцна ЕУИПО ја поништил одлуката за жиг врз основа на приговори на белгиската компанија „Шу брендинг Јуроп“ (Shoe Branding Europe) дека не е доволно специфичен, а „Адидас“ се жалел на таа одлука.

Германската и белгиската компанија со години се спорат околу логото со ленти, бидејќи белгиската компанија сака да користи лого со две ленти. Судот на ЕУ донесе одлука дека двете ленти на белгиската компанија се неважечки бидејќи биле премногу слични со трговската марка на „Адидас“. Германскиот бренд требаше да покаже дека трговската марка има добиено карактеристичен карактер низ целата ЕУ врз основа на нејзината употреба, така што потрошувачите недвосмислено знаеле дека производот е од „Адидас“ и може да се разликува од производите на друга компанија.
 

Содржината е прочитана 134 пати.