Инфо

Сите одлични ученици ќе бидат запишани во „Орце Николов“ без тестирање

Министерството за образование одлучи пријавените полуматуранти да бидат распределени во деветте паралелки во гимназијата

четврток, 20 јуни 2019

Сите одлични полумауранти кои конкурираа за упис во скопската гимназија „Орце Николов“ нема да полагаат приемен испит, туку ќе бидат запишни во училиштето и распределени во деветте паралелки, велат од Министерството за образование по одржаниот состанок со родителите на учениците.

За 285 слободни места во оваа гимназија конкурирале вкупно 404 ученици, од кои 330 со сите петки.

Полуматурантите не сакаа да се откажат од нивната одлука да бидат запишани во гимназијата, затоа што, како што рекоа училиштето нуди квалитетно образование, а од друга страна тие во текот на своето основно образование полагале тестови преку кои биле проверени нивните знаења, за што добиле и одлични оценки и сметаа дека со полагањето квалификациски тест се дискриминари во однос на останатите ученици.

Тие заедно со своите родители протестираа против првичната одлука на Министерството да полагаат и бараа или да се отвори дополнителна паралелка, или да бидат распределени во формираните девет паралелки, но ова нивно барање првично беше одбиено. Тие собраа и потписи против полагањето квалификациски тест, а петицијата ја доставија до Министерството за образование.
 

Содржината е прочитана 153 пати.