Инфо

Царовска: Пензискиот систем е стабилен, првпат се исплатија пензии без задолжувања

Министерката истакна дека пензиите се покачуваат во континуитет и тоа благодарение на реален економски раст и дека фокусот останува на стабилизација на пензискиот фонд и одржување на добра линија во системот

четврток, 20 јуни 2019

Пензискиот систем во земјата е стабилен и за првпат после долги години се исплатија пензии без задолжувања, истакна министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, која учествуваше во работата на 11. средба на директорите на пензиските фондови на државите на поранешната СФРЈ, што од денеска се одржува во Охрид.

„Спроведните реформи во делот на стабилизирањето на пензискиот систем веќе ги покажуваат ефектите. Зголемувањето на придонесите и на бројот на вработените, порастот на бруто домашниот производ ќе значи пораст на пензиите“, истакна Царовска.

Таа потсети дека дупката во Пензискиот фонд од три милијарди денари во 2006 година достигнала 18 милијарди денари. Оваа година Фондот исплатува пензии со намалена дупка од три до четири милијарди денари, односно пензиите се исплаќаат без позајмици.

„Тоа покажува деа пензискиот систем станува самоодржлив. Има уште многу да се работи, дупката создавана десет години се закануваше да создаде фискално цунами, се поради несоодветни, неодговорни политики што доведуваа до намалување за придонесите, нереално зголемување на пензиите без економска логика“, рече Царовска.

Истовремено беше посочено дека пензиите растат, двапати покачени во 2017 година и исто двапати минатата година, а и во април оваа година со исплатата за март.

„Тоа значи дека во континуитет пензиите се покачуваат и тоа благодарение на реален економски раст. Фокусот на нашите активности останува на стабилизација на пензискиот фонд и одржување на добра линија во системот“, рече Царовска.

На средбата во Охрид раководителите на пензиските фондови од државите на поранешната држава ќе дискутираат по прашања од областа на социјалната и пензиската политика, меѓусебна соработка, постапки и процедури што произлегуваат од правата и обврските кон граѓаните кои оствариле пензиски права во поранешната држава со оглед што сите, сега национални системи, потекнувааат од еден ист пензиски фонд.

Пренесено од МИА 

Содржината е прочитана 58 пати.