Инфо

Стартува проектот за поврат на ДДВ кај граѓаните, првата исплата ќе биде во декември

Паво на поврат на пари од ДДВ имаат сите граѓани постари од 15 години кои имаат трансакциска сметка, а притоа фискалната сметка да биде до 500 евра. Граѓаните во рок од десет дена од добиената фискална сметка ќе треба да испратат скениран код од сметката преку апликација на УЈП, откако претходно ќе се регистрираат во системот

среда, 19 јуни 2019

За 10-ина дена, поточно на 1 јули стартува проектот за поврат на 15 отсто од ДДВ кај граѓаните, а првата исплата на средствата на нивните трансакциск сметки ќе биде во декември. Право на поврат на пари од ДДВ имаат сите граѓани постари од 15 години кои имаат трансакциска сметка, а на фискалната сметка до 500 евра. На едно четиричлено семејство се очекува годишно да му бидат вратени не повеќе од 28.800 денари и за тие пари граѓаните нема да плаќаат персонален данок.

Министерот за финансии, Драган Тевдовски денеска појасни дека граѓаните во рок од десет дена од добиената фискална сметка ќе треба преку мобилниот телефон да испратат скениран код од сметката преку апликација на УЈП, откако претходно ќе се регистрираат во системот. Исплатата на парите ќе се врши на секои три месеци, а првите пари ќе бидат вратени во декември, потоа во февруари, март и во август. Проценките се дека на овој начин ќе бидат вратени кај граѓаните 50 милиони евра.

„Важно е дека оваа мерка ќе биде еднаква за сите, односно ќе има лимит за богатите. Секој ќе добие 27 денари на платена сметка од 1.000 денари, тоа се 15 отсто од платен ДДВ од 18 отсто на фискална сметка. Проценките се дека даночната евазија е 30 отсто, а сега ќе биде помала. Исплатата е дури во декември за да ги тргнеме сите недостатоци кои би се појавиле, иако верувам дека системот е многу добро поставен. Најдобро е секој да си има своја евиденција, но доколку некој не може да се снајде со сметките, може да му ги дава на роднина или друг близок и да побара помош од него. Овие средства ќе бидат силна мотивација за граѓаните, бидејќи знаат дека со овие дополнителни средства ќе решат одредено буџетско прашање, како на пример, снабдување со огрев за грејната сезона“, рече премиерот Зоран Заев.

Тевдовски рече дека за ранливите групи има и алтернативни начини и појасни дека доколку граѓаните немаат можност сами, од еден мобилен може да се користат повеќе профили. Апликацијата самата веднаш покажува дека сметката е прифатена. Ова важи само за граѓани, а не за претпријатија кои работат со фактури и сметкопотврди.

Директорката на УЈП, Сања Лукаревска потврди дека системот е подготвен и дека апликацијата е едноставна и лесна за користење.

„Изминатиот период тим од врвни професионалци работеше на проектот, кој е прв од ваков вид на Балканот. Динамичниот начин на живеење наложува ефикасен начин на користење на времето, затоа начинот е брз и едноставен. Претпополнетата даночна пријава се покажа како успешен проект, затоа веруваме дека и овој ќе биде таков. Од 1 јули фискалните сметки нема да бидат само парче хартија. Апликацијата ’Мој ДДВ’ скенира само валидни сметки со скенирање на бар-кодот, незаконските нема да ги препознае. Затоа веруваме дека граѓаните ќе станат партнери во борбата со сивата економија и ќе бидат инспектори на еден начин. Постарите ќе може да побараат да бидат регистрирани од нивните најблиски, од помладите роднини. Апликацијата е направена така што ќе има и извештај да може да се види колку пари ќе му бидат вратени некому, на пример при првата исплата во декември“, рече Лукаревска.
 

Содржината е прочитана 189 пати.