Бизнис вести

ОН - Македонија прва во регионот по раст на директни странски инвестиции

Во 2018 година директните странски инвестиции во нашата земја изнесувале 737 милиони долари што претставува зголемување за 260 отсто во однос на претходната година, кога изнесувале 205 милиони долари

четврток, 13 јуни 2019

Македонија лани имала најголем раст на странски директни инвестиции од сите земји во регионот, покажува Извештајот за инвестициите во светот 2019 што го објави Конференцијата на ОН за трговија и развој. Во Извештајот се наведува дека странските директни инвестиции во нашата земја лани се зголемиле за 260 отсто во однос на претходната година и изнесувале 737 милиони долари за разлика од 205 милиони долари колку што изнесувале во 2017 година. Македонија наедно е прва според растот во оваа категорија севкупно кај сите пост-транзициски земји во извештајот.

Минатата година раст забележале само пет балкански држави и тоа: Северна Македонија со раст од 260 отсто, Словенија – 81 процент, Србија – 44, Албанија – 13 и Босна и Херцеговина раст од 4 отсто.

Се наведува дека наспроти намалувањето на странските директни инвестиции во светот за 13 отсто, односно, на 1.300 милијарди долари, Западен Балкан бележи зголемување од 33 отсто на 7,4 милијарди долари.

Од земјите членки на ЕУ во регионот, најголем пораст е забележан во Словенија, 81 отсто, односно на 1,4 милијарди долари, додека во Хрватска се намалил за 43 отсто, односно на 1,2 милијарди долари, а во Бугарија е забележан пад на две милијарди долари, или 21 проценти.

 

Содржината е прочитана 128 пати.