Бизнис вести

Град Скопје објави повик за субвенционирање занаетчии од Старата чаршија

Со цел да ги стимулира занаетите кои се во изумирање Градот ќе доделува финансиска помош за набавка на потребните алати и репроматеријали во висина до 80 проценти од докажаните трошоци, но не повеќе од 50.000 денари со вклучен ДДВ

среда, 12 јуни 2019

Град Скопје објави јавен повик за субвенционирање на занаетите во Старата скопска чаршија кои се во изумирање. Со цел да ги стимулира занаетчиите Градот ќе доделува финансиска помош за набавка на потребните алати и репроматеријали во висина до 80 проценти од докажаните трошоци, но не повеќе од 50.000 денари со вклучен ДДВ.

Повикот е отворен до 20 декември оваа година, ќе се реализира по принципот „прв дојден, прв услужен“, а ќе бидат субвенционирани само докажаните трошоци за предвидените намени настанати во периодот од 1 јануари до 20 декември 2019 година.

На овој јавен повик право на учество имаат занаетчии кои не добиле буџетски средства од проекти за субвенционирање од други извори, занаетчии кои се регистрирани согласно со Законот за вршење на занаетчиска дејност („Службен весник на РМ“ бр. 15/2015) и кои вршат занаетчиски дејности во изумирање (кројач, јорганџија, ташнар, опинчар, јажар, бојаџија, столар, крзнар, папуџија, грнчар, шапкар, ковач, лимар, казанџија, копчар, свеќар, сарач, саатчија, чевлар, стаклорезач, пекар, фотограф, бравар, производство на бижутерија, домашна ракотворба и самарџија). Притоа регистрираните занаетчии треба да имаат сопствен дуќан или дуќан под закуп лоциран во Старата чаршија. При поднесување на барањето за субвенции треба да поднесат фактура или фискална сметка за набавените алати и репроматеријали, да имаат намирени обврски кон државата и вработените, како и да работат, односно, да се регистрирани или запишани во Регистарот на занаетчии најмалку една година пред да биде објавен јавниот повик.

Од Град ксопје информираат дека повикот е објавен и на веб-страницата www.skopje.gov.mk, а барањата за субвенционирање се достапни во Архивата на Град Скопје, во Одделението за занаетчиство, угостителство и трговија и на веб-страницата www.skopje.gov.mk.

Дополнителни информации околу јавниот повик заинтересираните може да добијат во Секторот за локален економски развој на телефонскиот број 3297 284 или преку e-маил адресите: Fevzi.Mani@skopje.gov.com и Biljana.Stojmanovska@skopje.gov.mk


 

Содржината е прочитана 115 пати.