Бизнис вести

Состанок на Холандско-белгиската конституенца на ММФ и СБ во јуни во Скопје

Организатори на овој значаен меѓународен настан се Народната банка и Министерството за финансии

вторник, 11 јуни 2019

Од 21 до 23 јуни во Скопје ќе се одржи состанок на Холандско-белгиската конституенца на ММФ и Групацијата на Светската банка (СБ). Организатори на ова издание на состанокот се Народната банка и Министерството за финансии.

На овој значаен меѓународен финансиски настан во Скопје ќе учествуваат високи претставници на ММФ и Групацијата на СБ, меѓу кои се и заменик-претседателот на Групацијата на СБ за Европа и Централна Азија, Сирил Милер и директорите во ММФ и СБ, Антони де Ланој и Кун Дависе кои се задолжени за оваа конституенца, како и гувернери на централни банки и министри за финансии на земјите членки.

Средбите на Конституенцата претставуваат своевиден форум на кој високите претставници на носителите на
фискалната и на монетарната политика во земјите членки разменуваат мислења за политиките и програмите на ММФ и СБ, како и за други клучни прашања за европската и светската економија. Дискусиите се водат заеднички меѓу сите учесници на настанот, но и билатерално, меѓу претставниците на двете меѓународни институции и на земјите.

Истовремено, состанокот претставува и можност за подобро запознавање на високите претставници на централните банки и на министерствата за финансии со економијата и културата на земјата домаќин.

Инаку, во Холандско-белгиската конституенца, покрај Холандија, Белгија и нашава земја, членуваат и БиХ, Бугарија, Грузија, Ерменија, Израел, Кипар, Луксембург, Молдавија, Романија, Украина и Црна Гора.

Годинава, Република Северна Македонија ја има честа да биде домаќин на Состанокот на Конституенцата за првпат по 2003 година, кога нашата Централна банка и нашето Министерство за финансии за првпат ја имаа улогата на организатори на овој значаен настан.

 

Содржината е прочитана 86 пати.