Бизнис вести

Јапонски бизнисмени во потрага по инвестиции во земјава

Премиерот Зоран Заев истанал дека стабилните економски индикатори и членството во НАТО се силна поткрепа дека јапонските инвестиции се добредојдени и сигурни во нашата земја

вторник, 11 јуни 2019

Јапонска бизнис делегација предводена од државниот министер за економија, трговија и индустрија на Јапонија, Јошихиро Секи која е во тридневна посета на државава оствари средба со премиерот Зоран Заев и со владиниот економски тим на која гостите биле запознати со бизнис условите, перспективите за раст на македонската економија како и со политиките на поддршка на инвестициите и конкурентноста на компаниите.

„Стабилните економски индикатори и членството во НАТО се силна поткрепа дека вашите инвестиции се добредојдени и сигурни во нашата земја“, рекол Заев.

Од владината прес служба информираат дека премиерот ја истакнал одличната билатерална соработка и значењето на поддршката што Јапонија и ја пружа на нашата земја во овие 25 години откако се воспоставени дипломатски односи помеѓу двете држави, потенцирајќи дека Јапонија е еден од најголемите билатерални донатори во повеќе проекти од интерес за нашите граѓани.

„Економската соработка со Јапонија е многу важна за нашата земја. Ме радува фактот што нашата земја ја препознавате како стабилна бизнис дестинација и сте тука да ги истражите инвестициските можности. Нашата земја станува сериозна бизнис дестинација за многу странски инвестиции. Минататата година имавме рекордно високо ниво на странски директни инвестиции од 625 милиони евра, а оваа година во првиот квартал забележуваме раст на БДП од 4,1 процент. Нашата земја е 10 на Дуинг Бизнис ранг листа на Светската банка. Овие стабилни економски индикатори заедно со нашето членство во НАТО треба да бидат ваша силна поткрепа дека вашите инвестиции се добредојдени и сигурни во нашата земја“, истакнал премиерот Заев.

 

Содржината е прочитана 157 пати.