Култура

Македонскиот поет Кочо Рацин признат за светско културно наследство под заштита на УНЕСКО

На 56-ите Рацинови средби високото Рациново признание му припадна на проф. др. Венко Андоновски за романот „Припитомување на кучката-раскази за лудилото“, додека актуелниот амбасадор на Република Словенија во нашата земја, проф.д-р Милан Јазбец е добитник на Почесното Рациново признание за 2019 година за неговата книга „Сјајна ѕвезда со лавовска грива“

понеделник, 10 јуни 2019

Македонскиот поет Кочо Рацин и официјално е признат како светско културно наследство под заштита на УНЕСКО. Ова го соопшти писателот и професор Људмил Спасов, на 56-ите Рацинови средби кои викендов се одржа во Велес. По триесетина изданија на оваа традиционална поетска манифестација, овие Рацинови средби беа прогласени за едни од најдобрите во последните неколку години.

Високото Рациново признание годинава му припадна на проф. др. Венко Андоновски за романот „Припитомување на кучката-раскази за лудилото“, додека актуелниот амбасадор на Република Словенија во нашата земја, проф.д-р Милан Јазбец е добитник на Почесното Рациново признание за 2019 година за неговата книга „Сјајна ѕвезда со лавовска грива“ напишана и на македонски јазик.

Примајќи го високото признание кое му го врачи градоначалникот Аце Коцевски, претседател на организациониот одбор, Венко Андоновски рече дека е пресреќен што втор пат го добива признанието. Првпат на Рациновите средби во ноември 1993 година како млад писател и сега повторно, по 25 години, кога зад себе има голем творечки опус.

Издигнувајќи го поетот на ниво на божество, тој пред присутните појасни што значи Рацин за него, како тој го доживува и зошто е прврзан кон Рациновото признание.

„Не само затоа што Рациновите средби се пандан на Струшките вечери на поезијата, со тоа што таму наградите се доделуваат за поезија, а овде за проза, туку затоа што фигурата на Рацин ја доживувам како исклучителна културна фигура на која можат да и позавидат многу поголеми народи, култури и цивилизации“, рече Андоновски.

Амбасадорот Јазбец, пак, се заблагодари на високото призание и истакна дека тоа му претставува посебна чест и награда.

„Многу сум среќен и почестен што моето книжевно остварување, особено поезијата претставуваат мост меѓу нашите две земји, луѓе и култури. Тоа е најмногу што можеме да си дадеме едни на други“, рече Н.Е. Милан Јазбец.

Претходно, двајцата лауреати посадија дрва во рациновата шума во близина на Костурницата, која е вечното почивалиште на Кочо Рацн.

На 56-тите Рацинови средби се одржаа и неколку промоции на книги и изложби, а во двете вечери концерти одржаа групата „Монистра“ и Драган Даутовски.

 

Содржината е прочитана 133 пати.