Интервјуа

Негата и одржувањето на убавината треба да биде во духот на секоја жена

Интервју со Жанета Џафер, сопственик на козметичко фризерски салон „Жанета Естетик“ во кое говори за тоа како, водена од сопствената енергија и љубов кон козметиката успева да опстои 30 години, за препознатливоста на салонот по користењето исклучиво органска козметика без конзерванси и без употреба на машини, за идните планови за проширување на бизнисот

понеделник, 10 јуни 2019

МАРИЛИ: Салонот за убавина „Жанета естетик“ има долга, безмалку тридецениска традиција и веќе полека се претвора во семеен бизнис во кој е вклучен и Вашиот син. Кажете ни нешто за почетоците на Вашата работа!
ЏАФЕР:
Почетоците беа многу одамна, пред 28 години. Започнав сама, но за кратко формирав тим на козметолози и го започнав моето професионално патување со козметиката спојувајќи ја љубовта, амбициозноста и решителноста да успеам да создадам бренд кој ќе биде препознатлив и надвор од Македонија. Од неодамна е вклучен и мојот син Давид Џафер кој, пак, е препознатлив како „Dzafer Therapy“ и работи како професионален физиотерапевт во „Жанета Естетик“.

МАРИЛИ: Нудите навистина широк спектар на услуги за разубавување, од фризерски, козметички, масажи... Што се може да се добие во Вашиот салон?
ЏАФЕР:
Во салонот може да се добијат сите козметички услуги: масажи, педикир, маникир, депилација, физикална терапија и околу 500 видови различни третмани за лице и најважно, работиме со средување на проблематичните кожи со акни, тоа ни е специјалност во салонот.

МАРИЛИ: Со оглед на бројните и разновидни услуги, колку луѓе се ангажирани во Вашиот салон?
ЏАФЕР
: Во мојот салон е ангажиран тим од 5 козметолози, јас, како специјалист козметолог и двајца професионални физиотерапевти.

МАРИЛИ: По што се издвојувате од другите козметички салони, какви видови третмани има во „Жанета Естетик“, а не можат да се добијат во друг салон?
ЏАФЕР:
Од другите салони се издвојуваме по тоа што користиме исклучиво органска козметика без конзерванси и не користиме апаратура-машини.

МАРИЛИ: Колку македонската жена сака да се негува, има ли разлика од времето на Вашите почетоци и сега, има ли напредок во таа смисла?
ЏАФЕР:
Македонската жена, пред се, има своја природна убавина што и ја дал Бог. Се негувала и кога беа моите почетоци, но денес малку и е кусо времето поради сите ангажмани во приватниот живот. Сепак, наоѓа сила и финансии да си подари барем едно прекрасно уживање месечно и да го опушти телото и духот во пријатна атмосфера каде е се чисто и исполнето со ароматични мириси. 

МАРИЛИ: Кој повеќе посветува внимание на сопствената нега и убавина, дали помладите или повозрасните жени и дали имате и мажи клиенти?
ЏАФЕР
: Подеднакво се одржуваат и младите и повозрасните. Младите ја одржуваат хигиената на лицето превентивно, а повозрасните да го стопираат биолошкиот часовник и подолго да го одржат младешкиот изглед. Уште од моите почетоци машката популација е подеднакво застапена грижејќи се и правејќи хигиенски третмани, а повозрасните правејќи антиејџ за лице. Имаме и посебен машки дел во салонот каде тие се чувствуваат пријатно. 

МАРИЛИ: Да се опстои три децении во еден бизнис, а притоа да се задржи реномето што само по себе го носи и личното име дадено на фирмата, не е воопшто едноставно. Особено кога треба да се натпреварувате со се поголемата конкуренција. Кое е мотото што Ве води во работата?

ЏАФЕР: Моето мото е да се потпрам на сопствените знаења, а доколку го постилам патот со успеси и ако е трнлив, успехот е неизбежен. Што се однесува до конкуренцијата, секој има своја ѕвезда водилка и никој на никого не може да му го попречи патот, па така на темата конкуренција никогаш не сум размислувала и се надевам дека нема да размислувам и понатаму, ќе ме води мојата сопствена енергија и љубов кон козметиката.

МАРИЛИ: Гените, несомнено имаат огромна улога во убавината на една жена. Сепак, по одреден период веројатно е повеќе од потребно „да им се помогне“ на гените да ја задржат таа убавина колку е можно подолго. Што кажува Вашето богато искуство, кога една жена треба да почне да посетува козметички салон и да се препушти на стручната нега на кожата?
ЏАФЕР
: Гените ја завршуваат својата улога, но негата е нешто друго, нешто што буквално треба да биде во духот на жената, таа да поседува енергија да издвои време за нега на својата кожа уште од својата 14-годишна возраст каде започнува со првите пупки за лице првите нежни кремови во чиј состав има камилица, невен, овошни маски и секогаш да ја одржува кожата хидрирана, бидејќи околината е загадена и ние не живееме во природа каде е се чисто.

МАРИЛИ: Какви се Вашите планови за во иднина?
ЏАФЕР:
Планот ми е да го зголемам тимот и да додадам најмалку уште 13 кревети за уживање во третманите за лице и да развеселам уште многу лица кои имаат проблеми со акни. Младите се најчувствителните клиенти, бидејќи за нив убавина е се во нивните младешки очи.
 

Содржината е прочитана 382 пати.