Бизнис вести

Градежниците бараат засилена работа на општините и квалитетни тендерски постапки

Градежната комора бара формирање меѓуресорно тело на јавен и приватен сектор што ќе гарантира и резултира со побрзо придвижување на секторот градежништво

петок, 07 јуни 2019

Без раст на градежништвото, кое со себе повлекува и 26 други стопански гранки, нема раст на севкупната економија, беше потенцирано на денешната прес конференција на Градежната комора на која беа искажани и очекувањата на градежниците за наредниот период. Тие очекуваат во делот на вискоградбата засилување на работата на општините и што побрзо изготвување детални урбанистички планови, додека во делот на нискоградбата успешно и непречено спроведување на постапките за јавни набавки.

Претседателот на Градежната комора, Ивица Јаќимовски, истакна дека е неопходно интензивирање на работата на компаниите во градежниот сектор како значајна гранка за придвижување на економијата и подигнување на животниот стандард.

Но, тој ги нотираше и забелешките, односно проблемите со кои се соочуваат, а се одразуваат негативно на нивното работење. Тоа се неквалитетни тендерски постапки во институциите, како и задоцнето донесување на деталните урбанистички планови во општините што ја кочи изградбата на инфрaструктурните проекти и изградбата на станови за продажба.

„Она што е детектирано од страна на компаниите што работат во овој домен се проблемите во спроведувањето на јавните набавки, честите менувања на плановите за јавни набавки, слабата реализација на плановите за јавни набавки, несоодветната процена на вредноста на набавките и лошата временска рамка на набавките. Потребно е да се обучи државната администрација за да може јавните набавки да се извршуваат поквалитетно во согласност со новиот закон и да се реализираат предвидените средства за капитални инвестиции, за интензивирање и нивна реализација. Институциите треба да развиваат свои подетални упатства за пресметка на проценетата вредност на набавките, што ќе даде можност да се земат предвид спецификите на разните сектори и природата на набавката што се спроведува“, рече Јаќимовски и додаде дека плановите за јавни набавки треба да ги одразуваат потребите, но и реалните финансиски можности на институциите на национално и на локално ниво.

Градежната комора бара да се формира меѓуресорно тело во кое ќе учествуваат претставници на Комората, Владата и на општините, што ќе гарантира и резултира со побрзо придвижување на секторот градежништво.
 

Содржината е прочитана 123 пати.