Бизнис вести

Раст од 4,1 отсто на БДП во првиот квартал

Најголем пораст е забележан во секторот земјоделство, шумарство и рибарство од 13,6 отсто, а потоа во градежништвото од 7 отсто

петок, 07 јуни 2019

Растот на БДП во првиот квартал годинава изнесува 4,1 отсто, објави Државниот завод за статистика. Во првото тримесечје најголем пораст е забележан во секторот земјоделство, шумарство и рибарство од 13,6 отсто, потоа во градежништвото од 7 отсто и во трговијата на големо и трговијата на мало, поправка на моторни возила и мотоцикли, транспорт и складирање, објекти за сместување и сервисни дејности со храна од 6,6 отсто.

Финалната потрошувачка на домаќинствата вклучувајќи ги непрофитните институции што им служат на домаќинствата, во првите три месеци од 2019 година номинално растеле за 3,9 проценти, а нејзиното учество во структурата на БДП изнесува 63,5 отсто.

Извозот на стоки и на услуги во овој период номинално се зголемил за 14,9 проценти, а увозот за 12,6 отсто.

Податоците на ДЗС покажуваат и пад на невработеноста во првиот кварта, односно намалена стапка на невработеност на 17,8 отсто. Во однос на последното тримесечје минатата година стапката на невработеност е намалена за 1,6 отсто, а во споредба со првиот квартал лани 3,8 отсто.

Според Државниот завод за статистика во првото тримесечје од 2019 година активното население во Македонија изнесува 960.743 лица, од кои вработени се 789.414, а 171.329 лица се невработени.

 

Содржината е прочитана 127 пати.