Бизнис вести

Министерството за финансии и Светска банка потпишаа договор од 26,2 милиони евра

Проектот е со цел олеснување на трговијата и транспортот на Западен Балкан

четврток, 06 јуни 2019

Министерството за финансии и Светската банка денеска потпишаа договор за финансирање на проект за олеснување на трговијата и транспортот на Западен Балкан. Со договорот, всушност, Светска банка ќе обезбеди 26,2 милиони евра кои ќе бидат наменети за подобрување на инфраструктурата, за модернизација на инситутциите и за зајакнување на нивната соработка

Станува збор за регионален проект, во кој, покрај нашата земја, во првата фаза ќе се вклучат и Србија и Албанија, а во втората фаза и БиХ, Црна Гора и Косово.

Министерот за финансии, Драган Тевдовски рече дека целта на проектот е да се намалат трошоците за извоз и увоз и да се скрати времето за прекугранична трговија.

„Проценката на Светската банка е дека со реализацијата на проектот ќе се намалат трошоците за извоз и за увоз во регионот за речиси 10 отсто. Сето ова ќе придонесе за унапредување на трговската размена, како и за повисок економски раст во регионот“, рече Тевдовски.

Тој појасни дека проектот има четири компоненти: олеснување на движењето на стоките и услугите во Западен Балкан, подобрување на транспортната ефикасност и предвидливост, подобрување на пристапот до пазарот за трговијата и инвестициите и поддршка за спроведување на проектот.
 

Содржината е прочитана 82 пати.