Бизнис вести

Законот за практиканство дозволува практикант да биде и невработено лице до 34 години

Практикантска работа може да се извршува најмалку еден, а најмногу шест месеци, за тоа време практиканто ќе добива соодветен паричен надоместок, а истовремено ќе остане и на листата на Агенцијата за врботување и ќе биде здравствено осигуран

четврток, 06 јуни 2019

Секое невработено лице на возраст до 34 години со завршено основно образование може да биде практикант и тоа најмалку еден, а најмногу шест месеци. За време на практичната работа практикантот ќе добива соодветен паричен надоместок, но нема да биде избришан од листата на Агенцијата за вработување, а ќе биде и здравствено осигуран.

Ова се предвидува со новиот Закон за практиканство, кој веќе е во примена. Според законските одредби, работодавачот има обврска да му плаќа надоместок на практикантот додека трае практикантската работа во висина од 42 до 74 проценти од минималната нето плата исплатена во претходната година, доколку праксата трае 3 месеци, додека за практикантска работа подолга од 3 месеци, месечниот надоместок треба да биде во висина на законски утврдената минимална плата.

Секој работодавач што има потреба од практикант ќе треба да објави јавен оглас кој треба да содржи информации за условите за практикантство. Едно лице може да врши практикантска работа само еднаш кај ист работодавач, а бројот на практиканти кај еден работодавач зависи од бројот на вработените на неопределено работно време во претходните три месеци пред ангажирање на практикантот. Работодавачот има обврска да обезбеди ментор кој ќе врши континуиран надзор на практикантот, ќе ја организира неговата работа и ќе го следи неговиот напредок.

Законот предвидува за практикантска работа да биде склучен договор за практикантство со кој се уредуваат односите, правата и обврските помеѓу практикантот и работодавачот, а се забранува склучување договор за практикантство за замена на постојно работно место. Работодавачот треба секој склучен договор да го пријави во Агенцијата за вработување.

Во изработката на предлог законот за практикантсво учествуваа Стопанска комора, Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ, Стопанска комора на Северозападна Македонија и Сојуз на стопански комори преку Проектот на УСАИД Партнерство за подобра бизнис регулатива.
 

Содржината е прочитана 184 пати.