Инфо

Нова патарина од 100 денари на автопатот Демир Капија - Смоквица

Новата давачка е поради пуштање во работа на првата од двете патарини на новата делницата од Коридорот 10, а на втората патарина која треба да почне со наплата следната година ќе се плаќа 80 денари

среда, 05 јуни 2019

Од следната недела ќе се плаќаат дополнителни 100 денари патарина на автопатот до границата со Грција откако е пуштена во работа првата од двете патарини на новата делница од Коридорот 10, автопатот Демир Капија-Смоквица. Одлуката за цената на новата патарина ја донесе Владата, а таа ќе стапи во сила за осум дена од нејзиното објавување во Службен весник.

Тоа значи дека возењето по автопат од Скопје до Гевгелија граѓаните засега ќе ги чини 280 денари. Дополнително, на втората патарина на оваа делница, која треба да почне со наплата следната година, ќе се плаќа 80 денари. Со оваа давачка, за пат од Табановце до граничниот премин Богородица ќе треба да се издвојат 340 денари за патарина.

Странците, пак, за новата патарина Демир Капија-Гевгелија ќе плаќаат 2 евра.

Со новата Одлука за утврдување на цените на патарините нема промена на цената за домашните возачи, но за странските, односно за оние кои плаќаат во евра, патарините ќе бидат пониски за намалувањето на провизиите кои ги наплатуваат банките. Односно, за половина евро се намалува патарината на две наплатни рампи на Коридорот 10 и на наплатните рампи кај Романовце и кај Стоби ќе се плаќа по 1 евро.

Од ЈП за државни патишта најавуваат дека за 10 дена ќе биде активиран и системот за електронска наплата на патарините со безготовински смарт картички и уреди за електронска наплата на патарина (таг), за кои веќе се предвидени и попусти од 2 до 7 отсто од надополнетата сума на пари. За почеток надополнувањето на картичките ќе се врши на патарина, или преку мобилна апликација од мобилните телефони, а потоа ќе се определат и други пунктови за надополнување на картичките.

Купувањето картичка граѓаните ќе ги чини 100 денари, а ТАГ-от чини 1.200 денари.
 

Содржината е прочитана 168 пати.