Интервјуа

Дојден е моментот кога почнува поинаква перцепција на секојдневиево

Интервју со Ивана Кнез, моден дизајнер и сопственик на модно студио „Драма“ во кое говори за вербата дека иднината на македонската мода е во рацете на младите дизајнери, за сопствените брендови „Драма“ и „Лавкетс“, но и за живеењето без предрасуди и целта да се надмине самата себеси

понеделник, 03 јуни 2019

МАРИЛИ: Кога ќе се стави име „Драма“ на некој бренд, особено од сферата на модата, некако тоа асоцира на нешто енергично, силно, можеби неизвесно, па дури и таинствено. Зошто токму „Драма“, за кого е наменет овој бренд и дали Ивана Кнез е најголемата драма во македонската мода?
КНЕЗ:
Не може Ивана Кнез сама за себе да каже дека е некаде нај, тоа ѝ го оставам на публиката, таа да процени, дегустира и да заклучи. Можеби некому сум му тоа, некому воопшто не сум му тоа, модата е страшно субјективна тема, им припаѓа на индивидуалистите. Јас сум дипломиран костимограф, пред сѐ, моден дизајн дојде како бонус во мојот живот, а она што го работам е современ костум, всушност, посебен пристап за секој клиент и сечиј карактер. „Драма“ дојде како очекуван одговор на мојата дејност, сосема спонтано, непланирано и ненаметливо. И самата не знаев свесно што почнувам кога започнав со формирањето на тој бренд и ова не беше планираниот правец, не очекував од самата себе дека ќе стигнам дотука, каде што сум. „Драма“ е за жени. Мислам дека сѐ е кажано со тоа.

МАРИЛИ: Сценската костимографија е нераскинлив дел од Вашата работа. Каква е поврзаноста на современата мода со театарските костими?
КНЕЗ:
Сѐ е костим, не знам зошто мислите дека е поинаку. Тргнете од себе, секое утро, кога размислувате што да облечете за на работа, Вашата моментна, пред сѐ, емотивна, а понатаму и физичка состојба дефинира кој ќе биде Вашиот избор. Често незадоволството од силуетата, физикусот, Ве тераат да изберете смирен модел, да Ве покрие. Или, пак, ако сте среќни, ако сте самоуверени, избирате смел модел што само ќе го дополни тоа моментно чувство. Тоа сѐ е костим, без разлика на временското дејство. 

МАРИЛИ: Македонија е мала држава. Според Вашето мислење, дали имаме премногу дизајнери за еден вака тесен простор, односно каков е односот меѓу квантитетот и квалитетот на македонските дизајнери? Како Вие гледате на модата во Македонија?
КНЕЗ: Да, земјата е мала. Да, доминира квантитет, но, сепак, мислам дека сѐ тоа ќе се смени. Има една група луѓе што молчат многу долго време, но мислам дека веќе полека и сигурно се враќаат на сцена и имаат што да кажат. И ова не го мислам само за модниот свет туку тоа се случува насекаде, во сите сфери. Нам овде животот ни се стивна, наведнавме глава и почнавме да живееме без критериум. Дури и до степен на подвeдување и проголтување, но мислам дека е дојден момент кога почнува една поинаква перцепција на секојдневиево, особено кај младите. Дури и младите дизајнери, односно тие ќе променат многу значаен дел од оваа сцена и од начинот на консумирање на модата овде. Со намалена доза на его, ќе се зголемат многу критериуми и перцепцијата за стил ќе се сведе на чист индивидуализам, свесна сум за тоа. И конкуренцијата ќе стане здрава средина за натпревар.

МАРИЛИ: Кои се Вашите модни икони?
КНЕЗ:
Како мала сакав да величам недопирливи личности, луѓе што во мои очи биле големи, како што се покојниот Џани, како Диор или Армани, како Грејс Кели или Грејс Џоунс, на крајот и волшебниот Боуви. Денес перцепцијата ми е поинаква, модна икона е мајка ми, која со сите обврски на една современа жена се труди да биде средена и да гледа кон иднината, една цела група жени од моето секојдневие на различна возраст и со различен живот, кои постојано ми влијаат врз сѐ она што сум и што го работам, тоа се моите икони и идоли.

МАРИЛИ: Постојано сте надвор од Македонија. Кој ја има видено и се соочил со драматичноста на „Драма“ и како таа е прифатена? 
КНЕЗ:
Да, слободно можам да кажам дека сум целосно нестабилна во однос на прашањето каде сум. Постојано патувам, често во различна околина со сѐ поразлични луѓе. Сѐ уште никој, сѐ уште е достапна само Ивана Кнез, до неодамна не бев сигурна каде треба да биде „Драма“ и кој треба да биде дел од неа. Јас сум „Драма“, знам, но јас сум и „Лавкетс“ и уште два бренда со кои работам. Јас сум сѐ она што сакав да бидам, а сега сакам повеќе и за себе и за „Драма“, па за извесен период цел свет ќе ја види мојата „Драма“. Само не знам во која форма.

МАРИЛИ: Постојано правите различни промени на себе, го трансформирате Вашето секојдневие. Која Ви е целта?
КНЕЗ
: Пред три години еден бизнис-соработник ми рече: „Ивана, ти си како водата, постојано наоѓаш нов пат за да пробиеш и никогаш не мируваш“. Јас не сакам бари и мочуришта, карактерно сум таква од кога знам за себе, сакам свежина, сакам иднина, сакам технологија, сакам емоции, сакам луѓе, сакам животни и сакам поинакви работи, секојдневно. Имам и рутини, не велам не, имам и еден куп навики, но, во секоја пригода, кога и каде што можам, нешто менувам. Ги сакам изненадувањата, дури и негативните бидејќи од нив се јакне карактерот, а позитивните бидејќи со нив се полни срцето. Не верувам во исто и во едноличност. Се обидувам да живеам без предрасуди и сакам кога нешто оди кон подобро или, во најмала рака, се труди за подобро. Ако постојано си во една точка, ќе скапеш. Макар и да си заштитен во стаклено ѕвоно, ќе ти ја застои душата. Секоја промена е добра за вас, дури и да е само бојата на ѕидот во дневната соба.
Цел ми е да се надминам себеси. Сама на себе сум си противник и соперник, сакам да дојдам до подобри резултати за себе. И за сите оние што се дел од мојот живот. 

МАРИЛИ: Кои се Вашите планови за во иднина?
КНЕЗ:
Едно научив, тоа е дека не треба да планираш. Треба да имаш цел, треба да имаш амбиција и треба да се сакаш себеси за да можеш да се реализираш во комплетна личност, без фрустрации и без психози. И да не се проектираш во средината, да не очекуваш од никого ништо, освен од себе. И да не се разочаруваш лесно, постојано да работиш на подобрување на личните идеали и да сакаш, бескрајно многу и безусловно да сакаш!
 

Содржината е прочитана 421 пати.