Бизнис вести

Од утре ќе се плаќа во кеш само до 500 евра

Забраната важи и за физички и за правни лица, а доколку се прекрши Законот, следуваат казни во висина од 5.000 до 80.000 евра

петок, 31 мај 2019

Од утре се ограничува плаќањето во кеш, во готово ќе може да се плаќа само до 500 евра, а за повисока вредност ќе мора да се користи картичка.

Оваа обврска произлегува од Законот за спречување перење пари и финансирање тероризам во кој со посебна уредба се ограничи висината на кеш плаќањата и прагот на ваквите плаќања се спушти од 1.000 на 500 евра. Тоа значи дека веќе од утре за секое купување производи со цена повисока од 30.750 денари ќе треба да се плати или со картичка, или со уплатница во банка.

Забраната важи и за физички и за правни лица, а доколку се прекрши Законот, следуваат казни во висина од 5.000 до 80.000 евра.

Во јануари годинава дозволената сума која можеше да се плаќа во кеш беше намалена од 2.000 евра на 1.000 евра, сега се намали на само 500 евра.

На ваквите измени реагираа многу стопанственици, особено оние кои продаваат бела техника стравувајќи дека поради нискиот праг на плаќање во готово ќе им се намали прометот. Со реакција се јавија и стопанските комори, но власта остана на ставот дека спуштањето на максималната сума за плаќање вокеш е со цел да се заштитат трговците и државата од пуштање во промет на пари со сомнително потекло и да се намали сивата економија.

 

Содржината е прочитана 172 пати.