Бизнис вести

Две македонски сорти пченица за прв пат признати и во ЕУ

Внесувањето на македонските сорти во европскиот каталог на сорти, практично значи дека семето сега може да се продава во земјите од ЕУ

четврток, 30 мај 2019

Две македонски сорти пченица и една сорта тритикале годинава за прв пат ќе бидат внесени на европскиот каталог на сорти, што значи дека семето може да се продава во земјите од Европската унија. Ова го рече претседателот на Агро-бизнис комората, Огнен Оровчанец на традиционалниот настан „Ден на пченицата“ што се одржа денеска под покровителство на Комората, Сојузот на стопански комори (ССК), Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Општина Илинден.

ССК дава силна поддршка на своите компании членки и ги следи во нивниот раст и традиција на создавање квалитет и одржлив бренд не само на домашниот пазар, туку и интернационално. А, Оровчанец истакна дека иновативниот пристап во развојот на сортните пченици признати меѓународно е она што ги движи напред и ги одржува сите овие години.

„Заедничка работа на стопанството, науката и институциите е клучот на успехот. Употребата на сертифициран семенски материјал е еден од начините за одржливост на производството на житни култури во услови кога климатските промени нанесуваат сериозни штети врз земјоделското производство. Неопходно е зголемување на производството на житни култури и намалување на увозната зависност, а сето тоа ќе има поголем ефект доколку се зголеми употребата на сертифициран семенски материјал“, рече Оровчанец.

Тој додаде дека во конкуренција на светски реномирани компании како најдобри сорти пченица со одлични карактеристики и врвни приноси домашната сорта „Осатка“ е призната во Грција, Србија и во Бугарија, а сортата „Тритикале-Агроунија“ во Србија и во Бугарија.

На настанот присуствуваа бројни домашни и странски гости, стопанственици, професори, академици, претставници на јавни институции, експерти од ФАО од Рим, експерти за семе од Министерство за земјоделство на Бугарија, претставници од Министерство за земјоделство од Србија, Турција, Албанија, Хрватска, Косово, Романија.
Беше извршена и обиколка на опитните полиња, како и презентација на македонските сорти пченици.

Според официјалните статистички податоци во 2007 година имало 90.800 хектари со пченица, а во 2017 само 72.864 хектари. Што се однесува до производството на јачмен во 2007 се регистрирани 47.712 хектари, а во 2017 година 43.816 хектари.
 

Содржината е прочитана 85 пати.