Бизнис вести

Попоски: Поприфатливи цени на осигурителниот пазар и зголемена понуда

Првиот квартал годинава го одбележаа преземањето на Нова осигурување АД Скопје од страна на Халк банка и сега работи под име Халк осигурување Скопје и на Еуросиг АД Скопје кое е преземено од австриската осигурителна групација ГРАВЕ

четврток, 30 мај 2019

Вкупната понуда на осигурителниот пазар е зголемена, а цените по кои се нудат услугите се прифатливи и поповолни за корисници. Ваква е оценката на претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурувањето, Климе Попоски за осигурителниот пазар во првиот квартал од годинава.

Она што го одбележа овој квартал, како што рече, се двете преземања на Нова осигурување АД Скопје и на Еуросиг АД Скопје. Соопшти дека Нова осигурување е преземено од страна на Халк банка и работи под новото име Халк осигурување Скопје, а Еуросиг е преземено од австриската осигурителна групација ГРАВЕ на 27. овој месец.

„На двете преземања гледаме како признание за постоење функционален пазар на осигурување и истовремено како на позитивен тренд со оглед на тоа што на домашниот пазар се привлечени осигурителни групации со голема традиција, што подразбира подобри осигурителни услуги за граѓаните и стопанството“, истакна Попоски и додаде дека на осигурителниот пазар работат 16 друштва за осигурување од кои 11 вршат работи во неживотно осигурување, додека пет осигурување живот.

Бруто полисираната премија во овој квартал, како што соопшти Попоски, изнесува 2,45 милијарди денари и бележи раст од 5,36 отсто во однос на истиот период лани.

Пораст во делот на неживотно осигурување бележи и бројот на бруто полисирана премија од 2,58 отсто и бројот на склучени договори од 12,5 отсто. Во овој период склучени се 313.335 договори.

Пораст кај автоодговорноста има од 1,19 отсто, кај имотното 5,83 отсто, кај земјоделското 216,69 отсто, здравственото за 30,60 отсто, каското 14,77 отсто, патничкото 9,26 отсто….

Попоски појаснува дека кај автоодговорноста порастот е пред се на нови возила и возила од увоз, додека кај имотното осигурување отпаѓа на порастот на земјоделското осигурување, додека кај имотот цената на осигурувањето.

Кај животното осигурување, Попоски, посочи дека карактеристика е двоцифрениот пораст од 17,29 отсто.

Штетите, исто така, во првиот квартал забележале пораст. Исплатени се бруто износ од 15,6 милиони евра и бележат пораст од 3,07 отсто во однос на првиот кваратал од минатата година. За полиси за неживотно осигурување се исплатени 871,3 милиони денари, додека Друштвата за осигурување живот исплатиле 87,2 милиони денари.

Попоски оцени дека капиталот на осигурителниот сектор е 4,4 пати над потребното ниво на маргината на солвеност.

Пренесено од МИА
 

Содржината е прочитана 80 пати.