Бизнис вести

ТАВ Македонија го промовира охридскиот аеродром во Албанија

Компанијата на туристичките агенции од регионот на Елбасан дополнително има ја нагласи потребата од воспоставување редовна автобуска линија од овој албански град до аеродромот „Св.Апостол Павле“

среда, 29 мај 2019

ТАВ Македонија денеска во Елбасан, Албанија пред локалните туристички агенции ги претстави можностите за евтини патувања од аеродромот „Св. Апостол Павле“ Охрид и Меѓународниот аеродром Скопје за граѓаните на Албанија.

Дополнително компанијата на туристичките агенции во регионот на Елбасан им ја нагласи важноста од воспоставување редовна автобуска линија од Елбасан до аеродромот во Охрид, бидејќи воведувањето ваква редовна автобуска врска вистински ќе ја стави на располагање близината на двата града кои се одалечени 86 километри.

„Охридскиот аеродром е навистина близу до Елбасан, само 1,5 час возење со автомобил, а, сепак, двата града немаат редовни автобуски линии. Албанија, особено Елбасан е во нашата гравитациска зона со голем потенцијал за охридскиот аеродром. Следствено на тоа, евтините авионски линии од аеродромот во Охрид и географската близина на двата града, можат да бидат искористени целосно доколку заеднички ги вложиме нашите напори за да ја постигнеме оваа цел. Затоа, денеска сме тука за да ги известиме локалните туристички агенции и албанската јавност за придобивките што ќе ги почувствуваат ако го изберат охридскиот аеродром за нивните патувања“, изјави Неџат Курт, заменик генерален директор за операции во ТАВ Македонија.

Како што истакнаа од ТАВ Македонија, аеродромот „Св.Апостол Павле“ Охрид моментално има вкупно 18 дестинации, од кои 8 се редовни, а во истовреме и нискобуџетни авиолинии коишто сообраќаат во текот на целата година: Цирих, Базел, Виена, Лондон, Малме, Милано, Мемингем и Дортмунд. Другите 10 дестинации од охридскиот аеродром се сезонски, односно, сообраќаат во периодот од април до октомври: Амстердам, Брисел, Истанбул, Талин, Тел Авив, Варшава, Ајндховен, Катовице, Мастрихт, Адана.

Од „Св.Апостол Павле“ моментално летаат слдните компании: Wizz Air, Edelweiss, Germania Flug, Pegasus, Onur Air, Corendon, Eurowings, Brussels Airlines, TUIFly, Nordica, Enter Air, LOT и Helvetic.

Од ТАВ повторуваат дека на почетокот на овој месец охридскиот аеродром беше рангиран од страна на Меѓународниот Совет на Аеродроми- ACI меѓу првите 3 аеродроми во Европа, согласно високата стапка на пораст во бројот на патници во првиот квартал од 2019 година, која изнесува 63,9 проценти, што е значително повисока од просекот во ЕУ кој е 4,4 проценти.

Потенцијалните патници од Албанија повеќе информации може да добијат на веб-страницата на охридскиот аеродром: http://ohd.airports.com.mk, каде можат да најдат контакт-броеви од аеродромот во Охрид и контакти од авиокомпаниите кои што летаат од Охрид, од каде пак можат да добијат информации во врска со авионските билети.

 

Содржината е прочитана 92 пати.