Бизнис вести

Новата Фискална стратегија со оптимистички прогнози за економскиот раст

Во 2022 година БДП ќе бележи раст од 5 пет отсто, бруто инвестиците ќе се зголемат за 6,1 отсто, а буџетскиот дефицит ќе се намали на два отсто од БДП. Ќе се намали и државниот долг и тоа од проектираните 42,2 отсто за годинава на 39 проценти во 2022, додека јавниот долг за три години ќе изнесува 49,1 отсто

среда, 29 мај 2019

Бруто домашниот производ ќе има раст од 3,5 отсто до крајот на годината како резултат на забрзувањето на растот во минатата година и неговите позитивни поместувања во првиот квартал годинава. Во 2020 година БДП е проектиран на 4,2 отсто, а до крајот на 2022 на 5 пет отсто.

Вака изгледаат оптимистичките проекции на Министерството за финансии презентирани во новата Фискална стратегија што ја усвои Владата, стратешки документ за период од три години во кој се претставени среднорочните цели на фискалната политика, основните макроекономски проекции, проекциите за буџетскиот дефицит и за долгот.

Стратегијата предвидува бруто инвестиците да се зголемат за 6,1 отсто, буџетскиот дефицит од 2,5 отсто годинава да се намали на два отсто од БДП во 2022, а годишниот раст на расходите во Буџетот на пет отсто

Од Министерството за финансии планираат државниот долг од проектираните 42,2 отсто од БДП за годинава да се намали на 39 проценти во 2022 година.

Движењето на јавниот долг во наредниот период ќе биде одраз на среднорочната буџетска рамка, реализацијата на капитални проекти во патната инфраструктура со заеми гарантирани од државата, како и на отплатите на долгот кој достасува. Умереното зголемување на гарантираниот долг до 11,1 отсто од БДП во 2021 и на 10,1 отсто во 2022 година ќе резултира со умерено зголемување на вкупниот јавен долг на 51,7 проценти годинава и на 52,3 отсто во 2020 година. Во 2021 година, пак, јавниот долг треба да се намали на 50,8 проценти, за во 2022 да изнесува 49,1 отсто, без притоа да се загрози одржливоста на фискалните политики.

Во економскиот раст значително влијание треба да има нето извозот, па реалниот раст на извозот на стоки и услуги е проектиран на 9,1 проценти, додека увозот треба да се зголеми за 6,8 отсто.

Според стратегијата, ќе има повеќе инвестиции, бидејќи се зголемила довербата на фирмите, поповолна е деловна клима, подобрени се евроатлантските перспективи, а резултат даваат и владините мерки за поттикнување на инвестициите, со влијание и на инвестициите на јавниот сектор.
 

Содржината е прочитана 139 пати.