Саем

Саем за вработување во Куманово

Повеќе од 40 компании се претставија на Саемот за вработување што вчера се одржа во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“. Организатор на седмиот саем за вработување е Агенцијата за вработување на Македонија (АВРМ). 

четврток, 12 ноември 2015

Повеќе од 40 компании се претставија на Саемот за вработување што вчера се одржа во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“. Организатор на седмиот саем за вработување е Агенцијата за вработување на Македонија (АВРМ). На отворањето, директорот на АВРМ Влатко Поповски истакна дека саемот е можност компаниите да понудат работни места за невработените.

- Од она што го согледавме досега, од шесте саеми увидовме дека секогаш се бараат техничките науки. Се бараат занатечи, луѓе кои се обучени за работа со машини, изјави Поповски.

Тој изрази надеж дека Владата, АВРМ, Министерството за труд и социјална политика ќе придонесат за што поголем број млади да се одлучат за образование кое во иднина ќе им донесе вработување. Најави дека и во иднина ќе продолжат со саемските манифестации. Наредниот саем, како што рече, ќе се одржи во Скопје на 2 декември, каде ќе учествуваат над 90 компании кои ќе понудат работни места, а ќе присуствуваат и технички училишта и факултети кои ќе ги понудат своите студиски програми за младите.

Поповски изрази надеж дека наредниот период компаниите ќе се приклучат кон мерките кои ги нуди АВРМ за помош на стопанствотото, за дополнителни вработувања со грант за нововработени лица, кредити за самовработување, обука кај познат работодавач, практиканство... Тука, како што рече, се и мерките кои се нудат за невработените, професионална ориентација, тестирања за избор на образование за поголем успех при вработување.

- Се надевам дека саемот во Куманово, како и ланскиот кога вработивме 135 лица ќе биде успешен. Од почетокот на саемите, од крајот на септември или почетокот на октовмри досега вработени се 205 лица, рече Поповски.
Додаде дека извршени се околу 500 интервјуа, а селектирани биле 1.000 професионални биографии.

- 205 лица досега склучиле договор за вработување, а околу 250 чекаат наредниот месец, до месец и половина, согласно изјавите на работодавачите со тоа што бројката ќе помине над 400 до крајот на годинава. Се надевам дека и оваа саемска манифестација и скопската ќе го дадат својот бенефит, не само со директно вработување, туку и во однос на тоа што е потребно младите да поседуваат за во иднина да бидат вработени, изјави Поповски.
Дел од компаниите кои нудат работни места изјавија дека на пазарот на трудот недостигаат квалификувани работници. Јелена Ѓорѓевиќ од „ДС Искра-Стил Констракшн“ изјави, дека во овој период потребни им се заварувачи со искуство и бравари со и без работно искуство. Кристина Јакимова од „Веибо Гармент“ под „Веибо Груп“-Крива Паланка потенцира дека во моментов бараат работници во производство во текстилната индустрија со и без работно искуство.Таа истакна дека организираат и обука во рамки на компанијата.

Виктор Дојчиновски од „Ван Хол“ Македонија изјави дека компанијата постојано има потреба од нови вработувања, претежно од техничката струка. Тој ја поздрави иницијативата на АВРМ во насока на поддржување на регионални саеми за вработување бидејќи, како што рече, преставува можност за непосреден контакт на невработените со компаниите кои имаат можност да разговараат за сегашни и идни вработувања.

Во рамки на самеот се одржуваат и бизнис форум за работодавачи и инфо средба со млади невработени лица.

(Преземено од МИА)
 

Содржината е прочитана 602 пати.