Интервјуа

Аранжманите од природно дрво и свилено цвеќе – приказна прераскажана сама за себе

Интервју со Мелита Семенакова, која неодамна ја одржа својата прва изложба на цветни аранжмани со специфична композиција во кои ја вградува целата своја љубов кон цвеќињата. Во нејзините уникатни декорации е пресликана нејзината вродена креативност

понеделник, 27 мај 2019

МАРИЛИ: Непосреден повод за ова интервју е Вашата прва изложба на цветни аранжмани специфични во композицијата од природно дрво и свилено цвеќе, во кое е вткаена и Ваша приказна. Кажете ни нешто повеќе околу подготовката на оваа промотивна изложба и интересот што го предизвикавте кај публиката!
СЕМЕНАКОВА:
Подготовката на изложбата траеше повеќе од половина година во која имаше долги денови на креативно размислување, работење, дополнување, а во секој аранжман, вградување на дел од мене, мојата љубов, креација. Секој аранжман е приказна за себе.

МАРИЛИ: Бевте високо оценета од експертот од областа на хортикултурата Маја Џартовска во однос на композициите што ги правите, па дали на оваа Ваша беспрекорна работа и претходат долги часови на креативно размислување и дали имате стручна подготовка за работа со цветни аранжмани, или, пак, тоа е само Ваша голема љубов и креативност?
СЕМЕНАКОВА:
По вокација сум дипломиран економист и ако ја занемарам мојата обука пред многу години во Лондон, единствено заедничко со цвеќињата е мојата голема љубов и креативноста, која е дар од Бога со која се раѓаме или не и која не може да се научи ниту во една книга, ниту во еден учебник!

МАРИЛИ: Од кога датира љубовта кон цвеќињата и изработката на цветни аранжмани и дали на ова Ваше хоби денес му се предавате целосно?
СЕМЕНАКОВА: Љубовта кон цвеќињата датира од многу одамна. Пред многу години изработував невестински букети, како моја дополнителна дејност по враќањето од работа. Бев многу среќна, уживав во тоа. Тоа беше едно „понормално“ време, помирно, посигурно. Работевме од 7 до 14 часот, имавме уште половина ден пред нас.Успевав да ги завршам сите мои домашни обврски, се трудев да бидам добра мајка, сопруга и пак ми остануваше слободно време. Но, и како амбициозна млада жена, се трудев да бидам успешна и на работа. Меѓутоа, сите оние кои паметат долго, како мене, знаат дека излезе закон со кој секој кој е на раководна функција не смее да се занимава со дополнителна дејност! Престанав да работам, се прекина мојот сон што го сонував со отворени очи и во кој бев многу среќна. Остана само љубовта кон цвеќињата. Годините поминуваа, животот ми донесе убави и помалку убави моменти, обврските натежнаа, работното време се смени (европско од 9 до 17 часот) и имаше се помалку слободно време. Трпеливо работев и го чекав денот, за кој бев сигурна дека ќе дојде, кога ќе можам повторно да им се вратам на моите цвеќиња. Дојде крајот на мојата кариера, но почеток на една нова авантура, пензионирањето. Побелената коса која ја имаме во ова таканаречено трето доба е капитал кој означува голема мудрост и огромно животно и работно искуство. Период кога можеме да го работиме она што најмногу го сакаме, а во текот на животот не сме имале време за тоа. Продолжив со голем ентузијазам и љубов да работам со моите цвеќња.

МАРИЛИ: Колку време е потребно за да се изработи еден цветен аранжман какви што ги имавте на изложбата, дали сите имаат некаква приказна и од каде ги набавувате материјалите?
СЕМЕНАКОВА:
Природните материјали кои се вградени во цветните аранжмани се од нашата убава земја Македонија, а сите други од странство. Сите мои аранжмани се уникатни, нема ниту сличен еден на друг и сигурна сум, можеби тоа звучи нескромно, дека сум единствената во нашата земја што изработува вакви цветни декорации.

МАРИЛИ: Каде може да најдат примена, односно, во кој простор може да бидат украс овие цветни декорации?
СЕМЕНАКОВА:
Секоја од овие мои декорации може да го разубави вашиот дом, канцеларија, хотел, ресторан, клиника, вашиот живот. Да ви донесе многу љубов, среќа и спокој кои се вградени во секоја од нив!

МАРИЛИ: Дали имате специфични декорации коишто ги изработувате само Вие на нашиот пазар?

СЕМЕНАКОВА: Имам изработено готови аранжмани, но можам да изработам и нови, во зависност од Вашата желба, простор и потреба. Ова е трајна инвестиција, цвеќињата не венеат и немаат ограничен рок на траење.

 МАРИЛИ: Колку време е потребно за да реализира една нарачка и дали е тешко да се одржува еден ваков аранжман за постојано да делува природно и автентично? Дали сте Вие подготвена да ги одржувате аранжманите што ги изработувате и по нарачка?

 СЕМЕНАКОВА: Времето на изработка е околу една недела и може да се порача на мојата е маил адреса: semenakovam7@gmail.com или на телефон 070 275 917. Морам да нагласам дека стојам на располагање на секој оној што ќе купи од моите цветни аранжмани дека ќе поминам еднаш во годината да корегирам нешто ако е потребно и да ги освежам за да бидат секогаш убави и свежи.
 

МАРИЛИ: Вие сте голем активист и сте учествувале во голем број хуманитарни проекти. Наведете некои од нив!
СЕМЕНАКОВА:
Да, јас сум голем активист, им помагам на оние на кои нашата помош им е најпотребна. Долги години сум член на ЛЦИ (Lions Club International) од Америка, најголемата и најстарата хуманитарна организација на светот. Бев и претседател на најстариот Лајонс клуб во Македонија , Лајонс клуб Скопје со одработени многу хуманитарни акции: помош на бездомниците со облека, храна, лекови, многу донации во Домот за стари лица „Мајка Тереза“, помош на многу сиромашни семејства, помош на лица со инвалидитет...и многу, многу други.
 

 

 

Содржината е прочитана 353 пати.