Бизнис вести

Бизнисот испорача пакет од 78 мерки до Владата

На традициионалниот Деловен појадок со претседателот на Влада, што го организира Сојузот на стопански комори на Македонија, премиерот Зоран Заев повика на поголема искористеност на буџетските пари во стопанството

четврток, 23 мај 2019

Пакет од 78 економски мерки и испорача Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК) на Владата денеска, на традиционалниот „Деловен појадок со претседателот на Владата“. Мерките кои се во функција на подобрување на секојдневното работење на компаниите и на деловната клима во земјата, главно се однесуваат на спроведување сериозна борба со сивата економија, елиминирање на големиот број парафискални давачки кои го оптоваруваат стопанството, како и создавање стабилни услови за водење бизнис со цел да се охрабрат претпримачите и граѓаните да инвестираат и да работат во приватен сектор.

Претседателката на ССК, Даниела Арсовска ги информира премиерот, Зоран Заев и вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев за приоритетите кои компаниите ги доставувале до ССК во изминатите месеци. Според неа, сивата економија и скриените, парафискални давачки биле најголемите предизвици и секојдневно ги оптоварувале компаниите во изминатата година.

Премиерот Зоран Заев рече дека генерално, финансиската ликвидност на државата е одлична и повика на поголема искористеност на буџетските пари во стопанството.

„Користете ги буџетските пари за поддршка на домашното стопанство, тие ќе бидат се поголеми и поголеми. Благодарение на вашето укажување направени се дополнителни флексибилни методи и мерки за да може да аплицираат повеќе компании, за да искористат уште повеќе од овие средства“, рече Заев.

Премиерот најави дека конечно во пракса да се отвори фондот од 200 милиони евра од Грција.

„Тоа е фонд за Србија и за Северна Македонија, веројатно меѓу 70 и 80 милиони евра се грантови годишно за Република Северна Македонија. Ние насочивме најголем дел од овие пари да одат во малите и средните претприајтија за покривање и грантирање на нивни бизнис проекти. Еден помал дел ќе оди за екологија, заштеда на енергија и инвестирање во обновливи извори на енергија“, рече Заев.

Вицепремиерот Кочо Анѓушев информираше за досегашните резултати од реформите, за странските инвестиции, планираниот тендер за изградба на фотоволтаици, за новите мерки за стучно усовршување на кадарот, како и за новата чешка инвестиција од 20 милиони евра со која „Локо Транс“ ќе гради фабрика за шински возила во Гази Баба.
 

Содржината е прочитана 173 пати.