Култура

Агенцијата за филм стана членка на Европската асоцијација на филмски агенции EFADs

Агенцијата станува придружен член на EFAD’s, статус што ќе и овозможи да учествува во сите активности во организација на оваа асоцијација и и гарантира делумно право на глас

среда, 22 мај 2019

Агенцијата за филм на Република Северна Македонија стана 34. членка на EFADs - Европската асоцијација на филмски агенции. Одлуката за прием во оваа многу значајна асоцијација беше донесена на Генералното собрание на EFADS каде директорот на Агенцијата за филм на Северна Македонија, Горјан Тозија ги претстави заложбите кои ги прави Владата во насока на поддршка на филмската продукција како и насоките кои ги превземаме за унапредување на филмската дејност во нашата земја.

Агенцијата станува придружен член на EFAD’s, а тоа е статус резервиран за сите филмски агенции и центри од земјите членки на Советот на Европа. Овој статус ќе и овозможи на Агенцијата да учествува во сите активности во организација на оваа асоцијација и и гарантира делумно право на глас.

„Силно веруваме дека Агенцијата за филм на Северна Македонија во голема мера ќе има корист од своето членство во мрежата на EFAD’s, што придонесува за актуелизација на европските политики и иницијативи, фокусирајќи се на промоцијата и дистрибуцијата на европските дела и предизвиците на европската филмска индустрија. Приклучувањето кон здружението ќе ни овозможи размена на информации, споделување на искуства и зајакнување на нашите заеднички цели, преку таргетирање на клучни прашања посветени на филмот во дигиталното доба, авторските права и борбата против пиратеријата и филмското образование. Се надевам дека нашата соработка ќе овозможи поголема видливост и поинтензивна соработка во наредните години“, изјави Тозија.

Европските филмски агенции се залагаат за поголема достапност на европскиот филм на различни формати и платформи. Нивната мисија е да им овозможи на локалните култури и различните јазични заедници да бидат претставени на големото платно и моќните, културно експресивни филмови длабоко да влијаат на срцата и умовите на публиката во корист на благосостојбата на целокупното европско општество.

Членките на EFADs се залагаат за медиумска писменост и приказни кои поддржуваат слобода на изразување и филмска култура со цел филмската продукција, филмското наследство и и филмот како уметност да допрат до што е можно поширок аудиториум.
 

Содржината е прочитана 183 пати.