Култура

Виолинистката Ванеса Меј ќе го отвори „Охридско лето“ на 12 јули

Во текот на сите фестивалски денови ќе има богата и разновидна уметничка програма и гостување на еминентни уметници од цела Европа, а затворањето на музичкиот дел на 19. август ќе биде во знакот на jубилејот, 85 години од раѓањето на македонскиот композитор Томислав Зографски, на кој ќе настапат македонски уметници

понеделник, 20 мај 2019

Британската светски позната виолинистка Ванеса Меј ќе го отвори 59. издание на фестивалот „Охридско лето“ на 12 јули во Античкиот театар во Охрид. Меј на отворањето ќе настапи заедно со уметниците од оркестарот на Македонската филхармонија и вокалните солисти од МОБ, под диригентска палка на Иван Кожухаров од Бугарија.

Директорката на фестивалот Наташа Поповиќ, музичкиот селектор Васко Ристов и Александар Поповски, драмски селектор денеска најавија богата фестивалска програма и гостување на еминентни уметници во текот на сите фестивалски денови. Ќе има Полска вечер, Италијанска вечер, Вечер на Финска која е претседавач на ЕУ, Украинска вечер и други. Затворањето на музичкиот дел на 19. август ќе биде во знакот на jубилејот, 85 години од раѓањето на македонскиот композитор Томислав Зографски, на кој ќе настапат македонски уметници.

„Мене ми припаѓа честа да го најавам годинашното спектакуларно отворање со мега популарната виолинистка, светски славната Британка Ванеса Меј. На 12 јули во Античкиот театар ќе имаме незаборавна вечер со уметничка која го носи епитетот светско чудо. ’Охридско лето’ веќе ги финализира организациско -техничките работи за подготовка на фестивалските сцени. ’Долни Сарај’, една од најубавите и најрепрезентативни сцени во Охрид доби нов функционален и модерен изглед со реконструкцијата што се правеше изминатиов период. Сцената претпрпе комплетна и темелна санација со нивелирање и зголемување на површината за 10 проценти, а меѓу другото, неколкукратно е зголемен и капицитетот на електричната моќност, со што на овој простор ќе може да се поставуваат настани со најсовремени технички побарувања. Имајќи предвид дека фестивалот во голема мера влијае врз подобрување на квалитетот на туристичката понуда, од оваа година започнуваме со новини за збогатување на културната понуда со воведување туристички водич за уметниците. На тој начин ќе го промовираме културното наследство преку презентација на историските знаменитости на градот“, вели директорката Поповиќ.

Музичкиот селектор Васко Ристов ги најави учесниците од Италија, Австрија, Русија, Бугарија, Германија, Чешка, Словенија, Албанија, Норвешка, Хрватска, Франција, Србија, Косово, Финска и од други земји.

„Посебен предизвик e изборот на концертот што ќе се одржи на 4. август по повод роденденот на фестивалот. Оваа година на роденденскиот настан ги имаме уметниците Влатко Стефановски и Мирослав Тадиќ, а МОБ ќе настапи со гала оперски концерт под диригентската палка на маестра Бисера Чадловска“, рече Ристов.

„Ќе се обидеме ова ’Охридско лето’ да му го посветиме на човекот кој е заслужен за генерации и генерации театарски уметници, Горан Стефановски. За него ’Охридско лето’ беше нешто посебно, Охрид беше нешто посебно и мислам дека треба да најдиме начин како да му се одолжиме и како да оставиме поголем печат за она што тој го правеше за сите нас. Оваа година носиме претстави од Словенија, Хрватска, од Казахстан, Турција, Португалија, од Србија и се разбира, од Македонија. Во оваа фаза само би ги најавил отворањето и затворањето. Отворањето ќе биде со претставата ’Самрак на Боговите’, доаѓаат СНГ Драма Марибор, а затварањето е со Народниот театар од Белград со преставата ’Иванов’ од Антон Павлович Чехов каде што во главната улога ќе го видиме нашиот Никола Ристановски“, рече драмскиот селектор, Александар Поповски.
 

Содржината е прочитана 197 пати.