Бизнис вести

Се намалува казната за доцнење на исплатата

Со предложените измени на Законот за финансиска дисциплина казната се намалува од 3.000 на 2.400 денари, а надзорот над спроведување на одредбите за трансакциите меѓу еконосмките оператори од приватниот сектор од УЈП преминува кај Државниот пазарен инспекторат

понеделник, 20 мај 2019

Од 3.000 на 2.400 денари се намалува надоместокот за доцнење на исплатата, а должникот треба да ги исполнува своите парични обврски во договорените рокови без претходно потсетување и опомена од страна на доверителот.

Ова се предвидува со измените и дополнувањата на Законот за финансиска дисциплина, кои се веќе во собраниска процедура, а со кои се пренесува и надзорот над спроведување на одредбите за деловни трансакции од страна на економските оператори од приватниот сектор од УЈП на Државниот пазарен инспекторат при Министерството за економија.

Причина за предложените измени, како што стои во образложението е натамошно усогласување со ЕУ директивите.

Со Законот за финансиска дисциплина, кој се применува од 2014 година, се уредува навременото исполнување на паричните обврски што произлегуваат од реализацијата на деловните трансакции помеѓу економските оператори од приватниот сектор, односно помеѓу субјектите од јавниот сектор и економските оператори од приватниот сектор.

Согласно Законот, надзорот над спроведувањето на законските одредби меѓу субјектите од јавниот сектор и економските оператори од приватниот сектор го врши Министерството за финансии преку Финансиската инспекција во јавниот сектор, додека, пак, надзорот меѓу економските оператори од приватниот сектор го врши Министерството за финансии – Управа за јавни приходи. Но, со оглед на тоа дека надзорот над Законот за финансиска дисциплина не претставува даночна контрола, се предлага надлежноста за надзор над спроведувањето на одредбите од Законот за финансиска дисциплина за деловни трансакции од страна на економските оператори од приватниот сектор од УЈП да се пренесе на Државниот пазарен инспекторат при Министерството за економија.

 

Содржината е прочитана 162 пати.