Интервјуа

Иднината на Македонија и нејзината економија се тесно поврзани со успешноста на ИТ и на софтверските компании

Интервју со Хајан Селмани, сопственик и основач на „HASELT“, компанија која 98 проценти работи на странските пазари. Тој зборува за плановите во иднина да работат повеќе на домашниот пазар, за зголемената конкуренција во ИТ индустријата, за тоа какво значење има да се добие признание Microsoft MVP и што е потребно за еден млад човек да биде успешен на кое било поле

понеделник, 20 мај 2019

МАРИЛИ: Вие сте сопственик и основач на „HASELT“. Кажете ни со што точно се занимава Вашата компанија, каде е ставен фокусот, колку вработени има? 
СЕЛМАНИ: „HASELT“ е интернационална компанија за развој на софтвер, дизајн, ИТ-консалтинг и примена на напредни технологии и иновации. Oснована е во 2013 година и се истакнува како една од најпрогресивните македонски ИТ-компании. Со седиште во Скопје и со свои разграноци во Цирих - Швајцарија и во Њујорк - САД, во период од помалку од пет години компанијата се прошири со свои софтверски решенија низ повеќе од 20 држави во светот. Има испорачано повеќе од 150 проекти, софтверски решенија наменети за старт-ап компании, за мали и средни бизниси, корпорации и јавни претпријатија во едни од најиновативните држави во светот. Моментно најактивно работи со клиенти од Европа и од Северна Америка, но своето дејствување сѐ поинтензивно го шири и на другите континенти. 

Тимот на „HASELT“ се состои од повеќе од 60 професионалци на интернационално ниво. Компанијата има сериозни аспирации да продолжи со ширење на своите операции и пазари, притоа пласирајќи иновативни софтверски решенија и производи низ светот. 

МАРИЛИ: ИТ-индустријата е најбрзо растечка индустрија секаде во светот, па и кај нас. Во последно време има сѐ повеќе ИТ-компании и фирми што се активни на домашниот пазар, сѐ повеќе млади луѓе се занимаваат со програмирање и со давање разни ИТ-услуги. Колку и како ваквиот квантитет се одразува врз квалитетот на услугите и мислите ли дека иднината на Македонија лежи токму во оваа сфера?
СЕЛМАНИ:
Кога се појавува голем квантитет, сигурно дека квалитетот се доведува во прашање. Сепак, квалитетните и иновативните ИТ и софтверските компании секогаш испливуваат на површина и наоѓаат начин како и самите да ја искористат технологијата со која работат, со цел да бидат пред конкуренцијата и да го придвижат квалитетот на следно ниво. Оттука, лесно може да се заклучи дека зголемената конкуренција, всушност, е позитивна за пазарот бидејќи ги „притиска“ и најквалитетните и најдобрите да бидат уште подобри.
Јас сум еден од оние луѓе што цврсто веруваат дека иднината на Македонија и нејзината економија се тесно поврзани со успешноста на ИТ и на софтверските компании бидејќи овие компании имаат потенцијал да создадат продукти и иновации што може да се користат насекаде во светот, пазарот е огромен, исто така, и потенцијалот, останува само да го реализираме тој потенцијал.

МАРИЛИ: Кон кои пазари е ориентирана Вашата компанија, дали повеќе кон странските, кои се тие и дали работите и за домашниот пазар?
СЕЛМАНИ:
„HASELT“, главно, 98 проценти работи на странските пазари и само 2 отсто на домашниот пазар. Најголемите клиенти и соработници ни доаѓаат од најиновативните пазари во светот и тоа: нордиските земји, Швајцарија, Англија, САД, поточно Њујорк и Калифорнија, односно Силициумската Долина, потоа Естонија, Турција, па сѐ до Австралија.
Во иднина би сакале повеќе да работиме на домашниот пазар, се надеваме дека со текот на времето тоа ќе се случи во вистински момент.

МАРИЛИ: Вие сте млад човек, но зад себе веќе имате богата биографија. Покрај тоа што сте технолошки експерт и претприемач, Вие сте и инвеститор, консултант на нови старт-ап компании, мотивациски говорник и предавач. Според Вашето мислење, што е потребно за успех?
СЕЛМАНИ:
Секој за себе може да дефинира што му значи успех. Сепак, за да успеете во бизнис-светот и/или во одредена област и притоа да бидете модел и пример за успех за другите, во согласност со општоприфатените норми во нашиов свет, за да бидете успешен на кое било поле, според моето мислење, постојат неколку работи што се клучни. И тоа: многу работа, упорност, фокус, љубопитност, длабоко навлегување во областа во која работите и една сериозно многу важна работа, а тоа е да ја разберете суштината на животот во целина - дека животот е што давате и што значите за другите луѓе околу вас, а не што добивате и што имате самите вие. Сѐ што стекнувате во животот вреди затоа што постојат луѓето околу вас, па така и успесите. Вашите титули, вашето знаење, вашите способности, сето тоа е вредно затоа што постојат други луѓе за кои сите тие елементи може да придонесат да направите нешто позитивно за нив. Ако не постојат другите, ако вие сте сами на овој свет, без останатиот жив свет, тогаш сѐ што имате нема особено значење. Поради тоа, работете на себе за да може утре да бидете најдобрата верзија од себе, така ќе станете повредни за другите, а тоа ќе ве донесе до успеси што никогаш не сте ги замислувале, а не, пак, да ги очекувате.
Моето активно дејствување на многу полиња само покажува дека се трудам до максимум да го посветам моето време на колку што е можно повеќе вредни луѓе со големи идеи. Така, истиот тој принцип тие луѓе може да го мултиплицираат кон нивните тимови, нивните заедници и округот во кој дејствуваат. 

МАРИЛИ: Во 2011 година бевте единствен од Македонија што е добитник на Microsoft МVP за веб-технологии. Денес сте и претседател на Македонската НЕТ-заедница на програмери. За каква награда станува збор и што значи Вашето активно учевство во оваа заедница?
СЕЛМАНИ:
Во 2011 година првпат се здобив со едно од најпретстижните признанија во светот на програмерите и софтвер-инженерите, Microsoft MVP. Ова признание, всушност, значи дека вашиот придонес во технолошката и во ИТ-заедницата е од енормно значење и Microsoft ви ја доделува таа награда со цел да ви искаже благодарност за целокупното влијание и за придонесот во унапредувањето на светската ИТ-заедница. Во 2011 година бев прв и единствен добитник на оваа награда во веб-технологии, а сега оваа категорија е преименувана во сосема друга категорија.
Моето активно учевство во Заедницата на програмери, денес како претседател, но и порано како активен предавач и човек што цело време се ангажирал околу неа е со истата причина како и моето објаснување за успехот. Сѐ што знаеме и имаме треба да го дадеме и да го споделиме со другите, со цел да создадеме подобар свет околу нас. Самиот факт дека голем дел од софтверските инженери се несебични и споделуваат сѐ што знаат ја прави нашата сфера толку прогресивна, интересна и посебна.

МАРИЛИ: Какви се Вашите планови за во иднина, во кој правец ќе се развива „HASELT“?
СЕЛМАНИ:
„HASELT“ има јасна визија што сака да постигне во иднина. Сакаме да бидеме компанија што ќе создава технологија и ќе биде препознатлив бренд на светско ниво во рангот на компании, како што денес се Microsoft, Google, Apple, Amazon, Facebook, IBM и слично. Работиме на тоа да создадеме иновација што не само нас туку и Македонија ќе нѐ направи многу значајно и познато место на картата на светот. 

МАРИЛИ: Имате ли воопшто слободно време и како го исполнувате?
СЕЛМАНИ:
Сѐ што правите во вашиот живот зависи од тоа како ги поставувате вашите приоритети. Иако работам многу, некои денови и повеќе од 16 часа, сепак, успевам да одвојам време и за најблиските и за пријателите. Всушност, денес најдобри пријатели ми се луѓето со кои работам секојдневно, а со оглед на фактот дека живеам на 500 метри оддалеченост од местото каде што ни се наоѓаат канцелариите, на некој начин постојано сум и дома и на работа. На сите им е добро познато дека спијам многу малку, во просек едвај 4 часа.
 

Содржината е прочитана 1971 пати.