Инфо

Матурантите по 13.пат го одиграа квадрилот

петок, 17 мај 2019

Денеска точно напладе, матурантите од земјава заедно со своите врсници од Европа, на плоштадот „Македонија“ во Скопје по 13. пат го одиграа танцот „квадрил“ на звуците на штраусовата опера „Лилјакот“. На „Матуркста парада 2019“ учествуваа околу 1.000 ученици од 22 средни училишта во Скопје, како и матуранти од средни училишта од Охрид, Струга, Струмица, Гевгелија и од Валандово.

„Драги матуранти, со завршувањето на средното образование Вие затворате едно важно поглавје во вашите животи, поглавје во кое убеден сум, имајќи во предвид како полека ги подобруваме условите во нашите училиштата, е период во којшто сте се стекнале со знаење за понатамошната иднина. За наша и ваша среќа за првпат навистина можеме да и кажеме на Eвропа дека сме дел од неа. Јас сум убеден дека и вашите врсници од 25 различни земји од Европа за првпат ве чувствуваат како дел од неа. Ви посакувам на сите да имате успешно лето и да имате успешни уписи, а знаењата и искуствата коишто ги стекнавте во изминатите 4 години во средните училишта ќе ви помогнат од ден на ден да бидете подобри и поблагородни луѓе и да градите убави односи со луѓето околу вас“, им порача градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов на матурантите на отворањето на парадата.

Пред започнувањето на танцот „квадрил“, матурантите тадиционално положија заклетва за ненасилство и толеранција.

Организатори на годинашнава „Матурска парада“ се Дирекцијата за култура и уметност на Скопје во соработка со танцовиот клуб „Ритам плус“, а покровител на манифестацијата е Градот Скопје. Поддржувач на оваа традиционална манифестација е Делегацијата на Европската унија во Република Северна Македонија.

 

 

Содржината е прочитана 157 пати.