Бизнис вести

Наскоро ќе има повик за фотоволтаични електрани

Повикот ќе се однесува за инсталација на 65 мегавати фотоволтаици со премиум тарифи. Ќе бидат понудени две локации на државно земјиште кои се разделени на повеќе помали локации од по пет мегавати за да им се даде можност на сите заинтересирани да се пронајдат и да се пријават на аукцијата

петок, 17 мај 2019

Дигитализацијата и користењето паметни уреди се основа за развој на новите технологии во енергетиката, а балансирањето на енергијата е клучно за поголема примена на обновливите извори на енергија (ОИЕ), особено кај граѓаните, порачаа панелистите на четвртиот панел „Нови технологии и обновливи извори во целокупното производство на електрична енергија по 2030 година“ на Македонскиот енергетски форум – МЕФ 2019.

Министерот за економија, Крешник Бектеши најави дека земјава наскоро ќе објави повик за инсталација на 65 мегавати од фотоволтаични електрани.

„За таа цел го променивме моделот и од фидинг преминавме на премиум тарифи како што нудат развиените земји“, рече Бектеши.

Тој истакна дека земјава ќе ги поддржи сите заинтересирани за ОИЕ и додаде дека очекува во иднина да ни недостасуваат експерти од оваа област. На првиот повик ќе бидат понудени две локации на државно земјиште кои се разделени на повеќе помали локации од по пет мегавати за да им се даде можност на сите заинтересирани да се пронајдат и да се пријават на аукцијата.

„Ако одевме со фидинг тарифи за тоа ќе требаше да се одвојат 15-ина милиони евра од Буџетот и тоа ќе паднеше на товар на граѓаните. Со премиумите ќе чини многу помалку и нема да ја зголеми крајната цена“, рече Бектеши.

Претседателот на Европската платформа за технологија и иновации на фотоволтаиците, Марко Топиќ посочи дека веќе не сме во ера на субвенции за фотонапонски електрани, туку тие сѐ повеќе стануваат конкурентни на пазарот.

„Населението треба да одлучи дали само ќе поставува фотоволтаици за лични потреби или тие ќе бидат поставени на централно ниво“, рече Топиќ.

Директорот на ОКТА за развој и стратешко планирање, Ристо Јаневски истакна дека повеќе од една година компанијата не е класична нафтена компанија, туку полека транзитира кон енергетска компанија. Во изминатиов период се здоби, како што кажа, со лиценци за производство и продажба на електрична енергија од ОИЕ.

„Веќе има инсталирано фотоволтаици. Најдовме клиент каде ги поставивме фотоволтаиците и произведуваме струја за него, а вишоците ги продаваме. Заинтересирани сме и за други локации за поставување фотоволтаици со вкупна инсталирана моќ од 10 до 12 мегавати“, рече Јаневски.

Препорача 65-те мегавати што планира да ги објави Владата за изградба на фотоволтаици со премиуми да се распределат на повеќе инвеститори, а не само на еден за полесно балансирање.

Сашо Салтировски, директорот на ЕВН Дистрибуција препорача компаниите заедно да работат со академската заедница за да можат да ги реализираат нивните планови за долгорочен развој.

„Ако зборуваме за цели до 2030 година, мора да бидеме подготвени дека некои проекти нема да дадат резултати, а некои ќе дадат. Сметам дека академската заедница треба да се вклучи во тоа и да дава идеи за проекти и да им ги понудат на компаниите“, рече Салтировски.

За нови технологии и развој, потенцира тој, треба истражување, а тоа може да го направи академската заедница, бидејќи компаниите се троми на тоа поле.

Пренесно од МИА
 

Содржината е прочитана 175 пати.