Бизнис вести

Тевдовски: „Вмрежување на фирмите и работни места за младите се економски приоритети на патот кон ЕУ“

На Економскиот и финансиски дијалог меѓу ЕУ и Западен Балкан и Турција, кој се одржува во Брисел министерот за финансии нагласи дека ќе продолжи имплементацијата на Акцискиот план за намалување на сивата економија со цел да се поттикне креацијата на формални работни места, како и поголемото учество на жените на пазарот на труд

петок, 17 мај 2019

Намалување на невработеноста кај младите, интегрирање на домашните компании на меѓународните пазари и борба против сивата економија се трите клучни предизвици кои ќе се опфатат во Програмата за економски реформи 2020-2022, истакна министерот за финансии Драган Тевдовски на Економскиот и финансиски дијалог меѓу ЕУ и Западен Балкан и Турција, кој се одржува во Брисел.

Обраќајќи се на дискусијата за структурни реформи со цел привлекување странски директни инвестиции, Тевдовски истакна дека ќе се поддржи вмрежувањето на домашните компании на меѓународните пазари. Посочи дека преку Рамката за соработка со Светска банка ќе се обезбеди поддршка за привлекување странски директни инвестиции од високо продуктивни и извозно ориентирани сектори, вмрежување на домашните микро, мали и средни компании на меѓународните пазари и инвестирање во проекти за технолошка модернизација.

„Исто така, ќе се настојува да се поврзат странските директни инвестиции со домашните, особено малите и средни компании, што ќе овозможи креирање нови работни места и вон технолошко-индустриските зони“, рече Тевдовски.

Според него, еден од приоритетите на Владата е намалување на невработеноста кај младите, а младинската гаранција е дел од проектите насочени кон тоа.

Тевдовски нагласи и дека ќе продолжи имплементацијата на Акцискиот план за намалување на сивата економија. Целта е да се поттикне креацијата на формални работни места, како и поголемото учество на жените на пазарот на труд.

Оценките на Европската комисија за реализацијата на проектите и мерките од Програмата за економски развој од минатата година покажуваат дека Албанија и Макдонија во регионот имаат највисока реализација.
 

Содржината е прочитана 90 пати.