Бизнис вести

Сивата економија краде 50 проценти од профитот на легалните бизниси

Работењето на црно не е застапено само кај занаетчиите или помалите бизниси, туку и милионски бизниси во земјава работат во сивата зона, а тоа оди на штета и на државата и на оние кои работат законски и на работниците

четврток, 16 мај 2019

Дури 50 проценти од колачот на оние кои работат според законските обврски го јаде сивата економија. Работењето на црно не е застапено само кај занаетчиите или помалите бизниси, туку и милионски бизниси во земјава работат во сивата зона, а тоа оди на штета и на државата и на оние кои работат легално и на работниците.

На ова укажаа стопанствениците денеска на форумот „Механизми за елиминација на сивата економија“ што го организираше Сојузот на стопански комори (ССК) во рамки на проектот на УСАИД „Партнерство за подобра бизнис регулатива“. Притоа истакнаа дека институциите мора да соработуваат многу повеќе со бизнисмените за да се намали сивата економија.

„Навистина е штетно не само за компаниите кои се обидуваат да опстојат на пазарот и да бидат конкурентни, а не можат затоа што овие кои не плаќаат даноци се 50 отсто поконкурентни во старт. Меѓутоа и сите граѓани кои работат кај овие нерегистрирани субјекти не добиваат ниту пензиско, ниту здравствено и социјално осигурување“, рече Данела Арсовска претседателка на ССК.

Таа истакна дека треба да се отпочне на постапка за доброволна регистрација во прва фаза за нерегистрираните субјекти, а доколку одбијат да се регистрираат да се применат репресивни мерки со изрекување значителни глоби, бидејќи, како што потенцираше, доколку не се превенира оваа нелојална конкуренција, се ризикува и регистрираните да преминат во сивата зона, но и да се дестимулираат и да не се регистрираат претприемачите и сите оние кои се охрабриле да се самовработат. Арсовска додаде дека единствено со функционален механизам може да се справиме со сивата економија.

Од Владата велат дека постојано работат на сузбивање на сивата економија, но побараа бизнис заедницата да соработува и да ги пријавуваат фирмите за кои се сомневаат дека ги кршат законите.

Зоран Шапуриќ, министер задолжен за регулатива за подобрување на инвестициската клима за домашните претпријатија рече дека поновите истражувања и искуства покажале дека казнените мерки не се единствен инструмент за намалување на неформалната економија.

„Покрај ова, заложбите исто така треба да бидат во насока на системски мерки на даночна политика, дерегулација, мерки за зголемување на даночниот морал, мерки за намалување на корупцијата и реформа на даночната администрација“, рече Шапуриќ.

Според Управата зајавни приходи сивата економија во земјава се движи околу 35 проценти. Оттаму се надеваат дека овој процент нема да се зголемува и очекуваат дека со воведувањето на повратот на ДДВ за граѓаните, сите потрошувачи ќе може да имаат улога на инспектор.

„Штета би било на сите преземени мерки и реформи кои сакаме да ги спроведеме да видиме дека сивата економија расте. Наша стратешка цел и обврска е да ја намалиме“, рече Сања Лукаревска, директорка на УЈП.

 

Содржината е прочитана 84 пати.