Бизнис вести

Од македонско црвено грозје ќе се прави словенечко вино

Словенечката винарија „Puklavec family wines“ отвора „бутик“ винарска визба во неготинско Дисан, инвестиција од 1,6 милиони евра и со почетен капацитет од 300.000 литри вино годишно

четврток, 16 мај 2019

Словенечката винарија „Puklavec family wines“ отвора „бутик“ нова винарска визба во неготинско Дисан. Инвестицијата се проценува на 1,6 милиони евра, а почетниот капацитет е 300.000 литри вино годишно.

Со оваа вредна инвестиција „Пуклавец“ го проширува својот асортиман со производството на црвени вина од македонско грозје. Вината што ќе се произведуваат во неготинската винарија ќе бидат класифицирани во три квалитативни сегменти и на пазарот ќе се пласираат под името „Инстинкт“, а ќе бидат достапни за продажба до крајот на годината.

„Со инвестицијата во винарската визба во Неготино, само ја прошируваме целта и визијата што ја имаме воопшто во ’Пуклавец’, а тоа е производство на вина кои можат да се натпреваруваат со најдобрите светски вина на меѓународните пазари. Македонското виногорје е познато по црвените раси, а македонските црвени вина се познати по богатството на вкусот, зрели и комплексни ароми. Овој вид вино е високо ценет на меѓународните пазари и токму тоа ќе го понудиме. Нашата првична амбиција, да бидеме меѓу најдобрите производители на вино во светот, расте и се засилува токму со винаријата во Северна Македонија, што ќе ни овозможи дополнително растење, развивање и збогатување на портфолиото на ’Пуклавец’“, изјави Владимир Пуклавец, сопственик на винаријата „Puklavec family wines“.

Словенечката семејна винарија има потреба од развој на производство на црвено вино, бидејќи климатските услови во Словенија не се толку погодни за тоа.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски го поздрави успешно завршениот циклус на инвестиции и отворањето на винаријата.

„Особено ми е драго што со Владата на Република Словенија имаме навистина одлична институционална соработка, која покажа и потврди дека имаме сериозна поддршка во нашите мерки, планови и политики што ги креираме. Минатата година бевме и земја партнер на еден од најзначајните саеми во Република Словенија, бевме и во Ормож и ја посетивме токму и оваа винарија, а денеска сме тука во Дисан, во Неготино, каде што отвораме една нова приказна“, рече Николовски.

Министерката за земјоделство, шумарство и прехрана на Република Словенија, Александра Пивец нагласувајќи дека Северна Македонија е важен производствен партнер за нив, истакна дека размената на стоки константно расте, а дека претпријатија со мнозинство словенечки капитал во Северна Македонија обезбедуваат приближно 2.500 работни места.

 

Содржината е прочитана 142 пати.