Бизнис вести

Формирана Асоцијација на финансиски друштва

Асоцијацијата ја формираа седум небанкарски финансиски институции кои нудат таканаречени брзи кредити, кои потпишаа и Кодекс за добра пракса

среда, 15 мај 2019

Седум небанкарски финансиски институции кои нудат таканаречени брзи кредити формираа Асоцијација на финансиски друштва. Целта е да работат заедно во обезбедување унифицирани стандарди за квалитет на индустријата и да изградат конструктивен дијалог со законодавците и надзорните органи.

Мисијата на Асоцијацијата е да промовира сигурни, општествено одговорни и одржливи практики на кредитирање. Во исто време, таа ќе работи на промовирање на можностите што ги даваат небанкарските финансиски технолошки решенија кои ќе бидат од корист на поединците и општеството во целина.

„Небанкарските заеми, како и многу други финансиски производи управувани од технологијата се нови за потрошувачите. И бидејќи самата индустрија е во почетна фаза на развој, од суштинско значење е веднаш да се договорат за одговорна деловна практика која ќе обезбеди заштитана потрошувачот и истовремено ќе дозволи развој на индустријата. Покрај тоа, уште една суштинска задача на Асоцијацијата ќе биде да иницира комуникација со законодавците и надзорните органи за креирање стратегија за развој на индустријата“, рече Филип Димитровски, раководител на Асоцијацијата.

Членките на Асоцијацијата денеска потпишаа и Кодекс за добра пракса со кој се обезбедува повисоко ниво на заштита на потрошувачите. Кодексот ќе биде објавен на веб-страниците на членките, така што секој должник ќе може да провери дали одреден давател се придржува до етичките и одговорни деловни практики утврдени со овој Кодекс.

Дополнително е изработена ознака „Одговорен кредитор“ која ќе овозможи препознавање на оние даватели на услуги кои се приклучиле на Асоцијацијата и се обврзани да работат во согласност со принципите утврдени со Кодексот за добра пракса.

Од Асоцијацијата ги поттикнуваат и останатите небанкарски финансиски институции да се приклучат и да работат заедно на добро избалансиран развој на индустријата.
 

Содржината е прочитана 163 пати.