Бизнис вести

Од полноќ трговците сами ќе ги формираат цените на горивата

Од Регулаторната комисија им порачуваат на трговците да не предизвикуваат ценовни шокови и препорачуваат мало поевтинување кај бензините и иста или малку зголемена цена на дизелот

понеделник, 13 мај 2019

Новите цени на горивата од утре граѓаните ќе ги дознаваат на бензиските пумпи. На 8 мај истече Договорот со „Хеленик петролеум“ според кој Регулаторната комисија за енергетика ги утврдуваше цените на нафтените деривати, а новата регулатива по која во иднина ќе треба да се одредуваат цените заглави откако експретседателот Иванов не ги потпиша законските измени со кои требаше да се усвои нова методологија.

Од полноќ практично престанува да важи постоечката методологија од купопродажниот договор со „Окта“, па додека не се донесе новата, трговците со нафтени деривати имаат право самите да ги формираат продажните цени на нивните бензиски станици. Од Регулаторната комисија им порачуваат на трговците да не предизвикуваат ценовни шокови и препорачуваат мало поевтинување кај бензините и иста или малку зголемена цена на дизелот, бидејќи такви биле трендовите во цената на нафтата и курсот на денарот во однос на доларот во изминатите две недели.

„Не очекувам трговците да предизвикаат ценовен шок од утре. Доколку го направат тоа, при носењето на новата методологија таквиот однос РКЕ ќе го земе во предвид, но од мојата комуникација со поголемите трговци со нафта и нафтени деривати не очекувам никакво користење на вакуум периодот и очекувам да ги следат цените на светските берзи на секој дериват одделно и да го имаат во предвид курсот на доларот што и досега претставуваа најбитните елементи за определување на цената при носењето на нашите одлуки. И со новата методологија најголемо влијание ќе имаат цените на сите деривати на светските берзи, како и курсот на доларот“, рече Марко Бислимовски,
претседател на РКЕ.

Од Регулаторна очекуваат новиот претседател Стево Пендаровски да ги потпише законските измени, по што истите ќе бидат усвоени во собранието и веќе од наредниот понеделник РКЕ да продолжи да ги утврдува малопродажните цени.

Во иднина цените на нафтените деривати ќе се корегираат еднаш неделно, а не на две недели, како што беше досега.

 

Содржината е прочитана 134 пати.