Бизнис вести

Објавен тендер за субвенционирана „зелена нафта“

Со јавната набавка се овозможува кофинансирање на 30 отсто од висината на трошоците за набавка на гориво за земјоделска механизација и согласно изработената методологија, висината на поддршката по корисник е утврдена во зависност од големината на површината и типот на земјоделски култури што ги одгледуваат

понеделник, 13 мај 2019

Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој денеска објави тендер за набавка на гориво за земјоделска механизација. Право на учество имаат сите странски и домашни правни или физички лица или група такви лица кои се регистрирании за вршење на дејноста поврзана со предметот на договорот.

Рангирањето на понудувачите ќе се врши според висината на понудените цени, а за носител на набавката ќе биде избран оној економски оператор чија понуда претходно е оценета како прифатлива.

Со оваа јавна набавка Агенцијата овозможува кофинансирање на 30 отсто од висината на трошоците за набавка на „зелена нафта“, а согласно изработената методологија, висината на поддршката по корисник е утврдена во зависност од големината на површината и типот на земјоделски култури што ги одгледуваат.

Онаа компанија што ќе го добие тендерот ќе треба да ги испечати платежните картички, потоа да ги достави до Платежната агенција, која преку подрачните единици ќе ги доделува на земјоделците. Платежните картички ќе бидат со определeн износ врз основа на големината на површините и земјоделските култури за кои конкурирале земјоделците за субвенции во 2018 година.

Со утврдениот износ, земјоделците ќе можат да купат исклучиво еуродизел гориво за земјоделска механизација. Картичката ќе може да се користи повеќекратно до исцрпување на нејзината вредност.
Оваа мерка се воведува за првпат на барање на земјоделците, за што во Програмата за директни плаќања се предвидени 200 милиони денари, а ќе бидат опфатени околу 55.000 земјоделци.
 

Содржината е прочитана 90 пати.