Култура

Норвешкиот писател Томас Енгер на Саемот на книгата

Вечерва ќе биде промоцијата на преводот на романот „Каменувана“ во издание на издавачката куќа „Бата прес“, при што читателите ќе имаат можност да се сретнат со Енгер и да добијат посвета на книгата

понеделник, 13 мај 2019

Норвешкиот писател Томас Енгер доаѓа во Скопје и ќе присуствува на промоцијата на преводот на неговиот роман „Каменувана“, во издание на издавачката куќа „Бата прес“. Промоцијата на делото ќе биде на денеска со почеток во 18 часот, во промотивниот центар на Саемот на книгата во арената „Борис Трајковски“. Авторот својата книга на македонски јазик ќе ја потпишува и со читателите ќе се сретне на штандот на издавачот.

Томас Енгер своето доаѓање го потврди и со видео обраќање до македонските читатели, повикувајќи ги да му се придружат на Саемот на книгата и истакнувајќи дека му е мило што прв пат доаѓа во нашата земја.

Психолошкиот крими трилер „Каменувана“ од норвешки на македонски јазик го преведе Искра Бадева и е прв во серијалот за новинарот Хенинг Јул, кого го прогонува минатото и трагедијата кога во пожар го изгубил својот син. Тоа е сторија за брутално злосторство во осамено место во еден парк во Осло. Во шатор е пронајдено тело на убиена и каменувана млада девојка, закопанa до половина во земја. Првите сомненија се дека станува збор за таканаречено „убиство од чест“, а полицијата се сомнева во нејзиниот младич, инаку пакистански мигрант. Но... Богатиот и на прв поглед мирен Осло и скандинавскиот мир го разбиваат скандалите, бандите, емигрантите, расисистите, сензационализмот во новинарството и електронските медиуми...

Томас Енгер (1973) е норвешки новинар, писател на криминалистички бестселери преведени на повеќе од 20 јазици. Освен со пишување тој се занимава и со музика. Живее и работи во Осло.

„Една од најголемите предности да се биде писател е тоа што патувам многу, а сега ќе дојдам, ќе ја посетам и ќе дознам за Македонија“, меѓу другото истакнува тој во интервјуто што го даде пред пристигнувањето во Скопје.


 

Содржината е прочитана 205 пати.