Интервјуа

Брендот „Ва-ва“ - синоним за современите светски вкусови на храна

Интервју со Марија Секулоска Митревска, генерален менаџер на „БАГА ФООД“ Битола, во кое говори за производството на 100 отсто природни производи без употреба на конзерванси, вештачки бои и адитиви, наменето во најголем дел за странски пазари

понеделник, 13 мај 2019

МАРИЛИ: „Бага фоод“ постои повеќе од 16 години. Кажете ни нешто повеќе за тоа како се развиваше Вашиот семеен бизнис и какви производи излегуваат од погоните на оваа фабрика?
СЕКУЛОСКА-МИТРЕВСКА:
„Бага фоод“ е фабрика што е специјализирана за преработка и производство на производи од висококвалитетно овошје и зеленчук. Главни „виновници“ за формирањето на овај бизнис се мојот татко Благој и неговите партери Ванчо и Иванчо, кои почнаа производите да ги пласираат на американскиот пазар под брендот „Ва-Ва“. Но за многу кратко време нашите производи почнаа да ги освојуваат и пазарите во Европа и во Австралија. Она што во 2002 година започна како производство на неколку производи од преработено овошје и зеленчук, денес успешно се развива во компанија што во својата производна палета има повеќе од 50 производи и специјалитети од преработено овошје и зеленчук. Брендот „Ва-ва“ претставува синоним за висок квалитет, традиција и грижа за потрошувачите. Производите „Ва-Ва“ се произведуваат по традиционални рецепти од внимателно избрани зеленчуци. Сите производствени процеси се насочени кон задржување на вистинскиот вкус на домашно приготвена храна, без употреба на вештачки додатоци.
Нашата компанија постигна значителен раст во текот на последните неколку години. Освоивме многу нови пазари и за нас е вистински предизвик тоа што на некои од тие пазари крајни потрошувачи се луѓе што воопшто не се поврзани со Балканот. Влегуваме на многу специфични пазари и на нашите тамошни партнери им помагаме успешно да ги промовираат производите.
Исто така, за нас претставува голем предизвик и македонскиот пазар, на кој првпат сме присутни од оваа година затоа што македонските потрошувачи имаат префинет вкус кога станува збор за производи што се произведени по традиционални рецепти. Но позитивните коментари и постојаната зголемена побарувачка за нашите производи на странските пазари ни дава верба дека ќе ги задоволиме вкусовите и на македонските потрошувачи. Во иднина остануваме посветени на нашата цел, задоволување на барањата на потрошувачите, задржувајќи го високиот квалитет на производите, притоа следејќи ги новите трендови. 

МАРИЛИ: Вашите производи ги освоија, пред сѐ, пазарите во Европа и во Америка. Дали тоа беше главен мотив да воведете 100 проценти природни и безглутенски производи што се бараат на овие пазари?
СЕКУЛОСКА-МИТРЕВСКА:
Како што кажав и претходно, нашата компанија е компанија што ги следи новите светски трендови. Постојано низ цел свет се менуваат начинот на кој јадат луѓето и она што го јадат, а тоа бара поголемо истражување и развивање на нови видови пакување, како и поголем спектар на вкусови. Синергијата од поволни климатски услови, долгогодишната традиција во одгледувањето земјоделски производи и користењето на најсовремена технологија во производството резултира со креирање на висококвалитетни, здрави и вкусни производи од овошје и од зеленчук. Производствените процеси не вклучуваат употреба на конзерванси, вештачки бои и адитиви, а тоа ги прави производите „Ва-Ва“ 100% природни. Нашите производи се соодветни за вегетаријански начин на исхрана и не содржат глутен. За разлика од минатото, сега се грижиме за еден поширок спектар на клиенти. Денес им продаваме и на ресторани, хотели, институции, големи трговци и сл. Со таа цел ги прошируваме своите технологии и услуги за развивање нови производи, како и различно пакување и маркетинг. 

МАРИЛИ: Не е лесно да се занимаваш со производство на храна, имајќи ја предвид ограничената трајност на производот, но и големата конкуренција. Како се справувате со сето ова, дали лојалноста и принципиелноста се главен фактор да се зачуваат бизнис-релациите?
СЕКУЛОСКА-МИТРЕВСКА:
Крајните потрошувачи очекуваат, без разлика дали е целосно или делумно преработена, храната да биде обезбедена свежа и постојано достапна, без оглед на тоа колку е оддалечена земјата на потекло и што треба да се направи за да се обезбеди нејзиниот квалитет. Поради тоа, компаниите што се занимаваат со преработка на храна, како што е нашата, денес се натпреваруваат за да обезбедат постојан производ што континуирано ги исполнува условите за квалитет, заедно со навремена испорака и нормално прифатлива цена. Нашето искуство укажува дека клиентите сакаат партнери што со сигурност ги исполнуваат нивните барања во однос на квалитетот и испораката така како што се ветени со највисокиот квалитет, прецизноста во испораката и континуитетот во неа. Поради тоа, нашето производство целосно е планирано однапред, односно произведуваме според однапред договорени количини, а со тоа го намалуваме ризикот од резерва и гарантираме за сигурноста, безбедноста и квалитетот на нашите производи. Нашата компанија гради сигурни долготрајни партнерски односи со партерите што имаат ексклузивното право за продажба на нашите производи на одредени пазари, без разлика дали е под нашиот бренд „Ва-Ва“ или под нивен приватен бренд, со што можеме да ја постигнеме деликатната рамнотежа меѓу растот и избегнувањето на ризикот. Се придржуваме кон барањата на пазарите и се приспособуваме кон променливите услови на работење, со што постигнуваме конкурентска предност што обезбедува долгорочен успех.

МАРИЛИ: Дали е тешко да се биде жена менаџер на компанија што се занимава со производство и со извоз на храна, кои се главните пречки на глобалниот пазар со кои секојдневно се соочувате?
СЕКУЛОСКА-МИТРЕВСКА
: Многумина во оваа индустрија се изложени на ризик поради неуспехот да се усогласат со многубројните прописи што се различни за секој пазар. Секој месец десетици компании се цитирани за несоодветно однесување и за казни за нивниот неуспех да се усогласат. Тоа е ризик од масовно отповикување на производот и губење на пазарот. Нашата компанија сериозно ја прифаќа усогласеноста и воспоставува стандардизирани процеси и контроли, воведува програми за обука, ја засилува безбедноста и ги подобрува системите за следливост. Сите средни компании се соочуваат со стремежот да бидат застапени на колку што е можно повеќе пазари и истовремено да обезбедуваат конзистентно задоволство на крајниот потрошувач и регулаторна усогласеност. Ова воопшто не е лесно и потребна е строга изведба на целосно синхронизирана организација.
Затоа е потребно да се знае секој чекор во процесот на производство и да се знаат сите проблеми што произлегуваат од тоа. Единствен начин да се знае е ако се почне од самиот почеток. Ја имав честа да имам еден прекрасен ментор, мојот татко, од кого можев да научам многу, кој инсистираше да ги поминам сите работни позиции, почнувајќи од најниската за да можам да растам на природен начин преку учење. Сето тоа ми овозможи да можам да го продолжам неговото дело, да продолжам да ја водам компанијата што е препознатлива по својот квалитет.

МАРИЛИ: Како и колку успевате во трката со бизнисот да си обезбедите време за себе, како ги балансирате професионалниот и приватниот живот и како го минувате слободното време?
СЕКУЛОСКА-МИТРЕВСКА:
Не постои нешто како совршен баланс. Водењето ваков тип бизнис е многу напорна работа, колку што повеќе расте бизнисот и колку што повеќе луѓето зависат од вас, толку е потешко да се донесат одлуки. Но сѐ додека го правиш тоа што го сакаш, сето тоа е добро! Го сакам тоа што го работам и тоа прави сите долги работни часови и тешки задачи да ми минуваат многу брзо, а пријателите и семејството разбираат дека го правам тоа што ја храни мојата душа. Паралелно со тоа, секогаш мора да се знае дека на крајот од денот, семејството, пријателите и друштвото што нѐ опкружуваат се една од најважните работи во светот - љубовта што ја делиме, чувствуваме и ја примаме е она што го прави светот подобро место. Никој не може да биде одличен во сѐ и не може секогаш и секаде да биде присутен цело време. Најважно е да го правиме тоа што ја храни нашата душа, да дадеме сѐ од себе и да правиме сѐ што е можно за да бидеме најдобрата верзија од нас, пред сѐ, за самите себе, а со тоа и за сите околу нас. Како мајка на двегодишно дете можам да кажам дека комбинирањето да се биде мајка и да се води бизнис за кој е потребна огромна посветеност е работа што бара многу планирање и, се разбира, луѓе што ти помагаат, можеби тоа е тешко, но не е и невозможно.
 

Содржината е прочитана 356 пати.