Бизнис вести

Со пари од ЕБОР ќе се градат автопатите Скопје-Блаце и Кичево-Гостивар

На годишните состаноци на ЕБОР договорена е поддршка за изградба на двата патни правци, како и за изградба на електронски патарини долж Коридорот 8 и на автопатот Миладиновце-Штип“

четврток, 09 мај 2019

Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) ќе ја финансира изградбата на автопатите Скопје-Блаце и Кичево-Гостивар - првата делница Кичево-Букојчани, најави министерот за фианнсии, Драган Тевдовски кој заедно со премиерот Зоран Заев учествува на годишните средби на ЕБОР во Сараево.

„На годишните состаноци на ЕБОР имавме прилика да зборуваме за тековната, но и за идната соработка со Банката и договоривме поддршка за идниот период – изградба на важни патишта во нашата земја. Тоа се автопатот Скопје-Блаце и на Кичево-Гостивар, односно првата фаза Кичево-Букојчани, како и изградба на електронски патарини долж Коридорот 8 и на автопатот Миладиновце-Штип“, рече Тевдовски.

Тој истакна дека се обезбедени и грант неповратни средства за изградба на овие патишта. И тоа за Кичево-Букојчани преку Инструментот за Западен Балкан обезбедени се 20 милиони евра, додека за Скопје-Блаце се очекуваат грант средства од ЕБОР во износ од 27 милиони евра до крај на годината.

„Овие се добри проекти бидејќи ќе се гради инфраструктурата која ќе го придвижи и економскиот раст, но и ќе ги подобри условите за живот на граѓаните во нашата земја“, рече Тевдовски.

ЕБОР во јавниот сектор во земјава финансира најмногу проекти од патната и железничката инфраструктура. Портфолиото на банката во овој сектор изнесува 622 милиони евра.

 

Содржината е прочитана 98 пати.