Инфо

Србија најави отворање на Коридорот 10 до крајот на месецот

Автопатот што води низ Грделичката клисура е долг 26,3 километри и со неговата изградба практично Србија целосно се поврзува со 600 километри автопат од границата на Северна Македонија до границата со Унгарија

четврток, 09 мај 2019

Србија ги заврши активностите околу изградбата на автопатот кон Северна Македонија и најдоцна до крајот на овој месец ќе биде пуштена во употреба оваа делница од Коридорот 10.

Министерката за градежништво, транспорт и инфраструктура на Србија, Зорана Михајловиќ вчера изјави дека Грделичката клисура е целосно совладана, дека јужниот крак на Коридорот 10 кон Северна Македонија и Грција е целосно завршен и во зависност од временските услови во следните десет дена ќе биде официјално отворен за сообраќај.

„Отвораме нов автопат низ Грделичката клисура долг 26,3 километри, кој е последната делница на јужниот дел од Коридорот 10. Овој дел од Паневропскиот коридор беше единствен што не е доведен на профил на автопат низ целиот Балкан. Со неговото завршување, граѓаните на нашата земја ќе го скратат времето на патување во правец кон Ниш“, рече Михајловиќ.

Со оваа делница Србија преку Коридорот 10 ќе биде целосно поврзана со 600 километри долг автопат од границата на Северна Македонија до границата со Унгарија.
 

Содржината е прочитана 71 пати.