Бизнис вести

ЕБОР: Економски раст од три отсто во оваа и во 2020 година

Според најновата прогноза на ЕБРД, соопштена на годишниот состанок во Сараево, договорот за името со Грција се очекува да го забрза напредокот за пристапување на земјава во ЕУ и да придонесе за подобри изгледи за инвестиции и развој

четврток, 09 мај 2019

Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) очекува оваа година Северна Македонија да достигне економски раст од 3 отсто, што би требало да продолжи и во 2020. Според најновата прогноза на ЕБРД, соопштена на годишниот состанок во Сараево, договорот за името со Грција се очекува да го забрза напредокот за пристапување на земјава во ЕУ и да придонесе за подобри изгледи за инвестиции и развој.

„По речиси минималниот раст во 2017 година, во 2018 економскиот раст се зголеми на 2,7 проценти врз основа на силното зголемување на извозот и опоравувањето на приватната и јавната потрошувачка. Очекувањата според ЕБРД се во 2019 година растот во Северна Македонија да достигне 3,0 отсто со зголемување на инвестициите, што би требало да продолжи и во 2020 година“, пососчува ЕБОР.

Но, Банката забележува дека бавното реализирање на јавните инвестиции може да го намали проектираниот раст на економијата, а забелешка има и за високата стапка на невработеност, која, иако се намалува, останува висока особено кај младите, каде што достигнува 45 отсто.

„Ризиците на проекцијата се повеќе во надолна линија. Додека решавањето на проблемот со Грција може да го забрза напредокот на државата во пристапот кон ЕУ, зајакнувајќи ја довербата кај инвеститорите и поттикнувајќи го растот, помалку поволните надворешни случувања, главно во еврозоната и побавно од очекувањата закрепнување на инвестициите, особено јавните, може да го намали растот“, стои во извештајот.

Според ЕБРД, најбрз економски напредок во регионот во 2018 имаат Србија И Црна Гора, кои имаат стабилен прилив на инвестиции, додека Албанија е изложена на внатрешни ризици, вклучувајќи висок степен на јавен долг и продолжување на домашната политичка криза. За Косово, главен фактор на раст годинава и наредната година ќе биде домашната потрошувачка, а за Босна и Херцеговина која во 2018 имаше раст од 3,1 отсто, за годинава и во 2020 се очекува раст од 3 проценти.

ЕБОР очекува во 2019 година да продолжи стабилниот раст во шесте земји од Западен Балкан и покрај заладувањето во меѓународното економско опкружување што може да придонесе за забавување на растот во некои од земјите во регионот.
 

Содржината е прочитана 94 пати.