Култура

Денеска почнува 31.Меѓународен саем на книгата

Саемот што ќе трае до 14 мај ќе се одржува во ВИП арена „Борис Трајковски“ со работно време од 10 до 20 часот

среда, 08 мај 2019

Од денеска до 14 мај во ВИП арена „Борис Трајковски“ ќе се одржува 31. Меѓународен саем на книгата. Официјално, Саемот вечер ќе го отворат министерот без ресор, Зоран Шапуриќ и извршниот директор на Скопски саем, Даниeла Глигоровска.

На годинашната саемска манифестација ќе учествуваат околу 70 издавачи кои ќе понудат богата содржина од белетристика до научни и стручни книги, енциклопедии, книги за деца. Покрај домашни, најавено е и учество на издавачки куќи од Србија, Косово, Албанија, Данска и од Унгарија, чија книжевност е во фокусот на годинашниот Саем на книгата, а на специјален штанд читателите ќе имаат можност лично да се сретнат со авторите Едина Сворен и Ласло Багоши од Унгарија.

„Културата е најдобриот начин да ја доближиме Унгарија пред македонскиот народ со кого имаме четврт век успешни билатерални односи, а Саемот на книгата е еден од најзначајните културолошки настани во областа на книжевноста. Секако, покрај книжевноста имаме подготевно низа проекти преку кои ќе се претставиме и тоа во областа на музиката, танцот, фотографијата, гастрономијата и научни сознанија“, велат,од унгарската амбасада.

Влезниците за саемот се по цена од 30 денари, односно 20 денари за групни посети, а работното време е од 10 до 20 часот.

За полесен и директен пристап на посетителите до ВИП арена „Борис Трајковски“, ЈСП повторно воведе две вонредни автобуски линии од населбите Ново Лисиче – со број „100“ и од Дексион – со број „ 200“.
 

Содржината е прочитана 100 пати.