Инфо
Скопје го пречека папата Франциск
Посетата на поглаварот на Римокатоличката црква е историски чин за земјава, а се реализира во исклучително важен период кога државата чекори по патот на евроатлантските интеграции. Неговата посета носи пораки за помирување и солидарност, а истовремено претставува и верба и охрабрување за нашата интеграција со европските народи, преку взаемно почитување и прифаќање на различните култури и религии

вторник, 07 мај 2019
Поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск утрината пристигна на скопскиот аеродром со што ја започна историската Апостолска посета на Република Северна Македонија. Папата на аеродромот традиционално беше пречекан со погача и сол, а официјално го пречекаа претседателот Ѓорге Иванов и премиерот Зоран Заев.
„Го пречекавме Светиот Отец, неговата Светост Папата Франциск. Неговата светост ни пристигна со пораки кои ги потврдуваат вредностите на нашата заедница, убавината на различните култури, етнички заедници и религии што живеат во општество еднакво за сите. Благословот на Светиот Отец е силна поддршка за сите нас“, напиша премиерот Заев на својот профил на Фејсбук веднаш по слетувањето и пречекот на папата на аеродромот во Скопје.
Ова е прва и воедно историска посета на еден папа на Северна Македонија. Нашата држава е 42. земја која ја посетува папата Франциск откако во 2013 година беше востоличен за поглавар на Римокатоличката црква.
Посетата на папата Франциск се оценува како историски чин за земјава, а се реализира во исклучително важен период кога државата чекори по патот на евроатлантските интеграции. Неговата посета носи пораки за помирување и солидарност, а истовремено претставува и верба и охрабрување за нашата интеграција со европските народи, преку взаемно почитување и прифаќање на различните култури и религии.
Република Северна Македонија е мост помеѓу Истокот и Западот и место каде се среќаваат голем број културни струи и претставува олицетворение на карактеристиките на регионот. Преку елегантните сведоштва на Византиското и Отоманското минато, возвишени ѕидини и величествени иконостаси во древните цркви, кои говорат за христијанското присуство што датира од апостолски времиња, Северна Македонија ја одразува длабочината и богатството на својата илјадагодишна култура, истакна папата Франциск во своето обраќање на официјалната церемонија во претседателската вила „Водно“ пред претставниците на државната власт, граѓанското општество и дипломатскот кор.
„Дозволете ми да кажам дека овие големи културни богатства претставуваат одраз на вашето бесценето наследство: мултиетничкото и мултирелигиозното лице на вашиот народ, завештанието на богата и комплексна историја на односи градени со векови“, рече папата Франциск.
Овие посебни карактеристики, како што рече папата, се исто така од огромно значење за интеграцијата со европските народи. Се надевам, додаде тој, дека оваа интеграција ќе се развива на начин што ќе биде придобивка за целиот регион на Западен Балкан, преку постојано почитување на различноста и основните права.
„Ве охрабрувам да продолжите на вашиот пат со цел вашата земја да претставува светилник на мирот, прифаќањето и плодна интеграција на култури, религии и народи. Преку отсликување на нивните посебни идентитети и виталноста на нивниот културен и граѓански живот, тие ќе бидат во можност да ја изградат заедничката судбина преку посебното богатство што го нудат. Господ нека ја заштити и благослови Северна Македонија, да го зачува единството и да и даде благосостојба и радост!“, истакна папата Франциск.
.jpg)
„Сакам да упатам повик до сите мои сограѓани, до сите со добра волја и чисти срца, независно дали припаѓаат кон православната, католичката или протестантската гранка на христијанството, дали се муслимани, евреи или атеисти, ве повикувам да ја препознаете симболиката на оваа посета и преку понизност и простување, помирување и сплотување, преку одговорност и почитување да се вклучите во духовна обнова на Македонија пред да биде предоцна“, рече Иванов.
По завршување на протоколарниот дел во вилата „Водно“ папата ја посети Спoмен куќата на Мајка Тереза, каде во придружба на четири чесни сестри од редот што го основа Мајка Тереза се помоли и положи цвеќе пред нејзиниот соменик, а потоа имаше средба со лидери на верските заедници во земјава и со група граѓани од ранливите категории.
Поглаварот на Римокатоличката црква потоа ќе отслужи Света литургија на плоштадот „Македонија“ на која ќе присуствуваат голем број граѓани од земјава, но и верници и странски државјани, пред се од поширокото соседство.
По литургијата папата ќе одржи екуменска и меѓурелигиска средба со младите во Католичката црква, а потоа и со свештениците и со нивните семејства.