Бизнис вести

Првиот човек на ЕБОР препорача Владата да се сврти кон економијата

Чакрабарти е во посета на земјава во рамки на регионалната посета на Западен Балкан, пред Годишното собрание на ЕБОР што ќе се одржи од 7-9 мај во Сараево

понеделник, 06 мај 2019

Договорот со Грција е исклучителен исчекор и одлична можност за посветување на останатите економски процеси и инвестициски можности важни за граѓаните на Северна Македонија и регионот, рече претседателот на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), Сума Чакрабарти на денешната средба со премиерот Зоран Заев и министерот за финансии Драган Тевдовски.

Чакрабарти на средбата високо ги оцени и досегашните политики на Владата за преземените реформи.
Неговиот тим ја изрази посветеноста на ЕБОР за продолжување и интензивирање на можностите за соработка со Владата во областа на енергетиката, производството на електрична енергија од обновливи извори и процесот на гасификацијата, како и за развој на патната и железничката инфраструктура, за поддршка на приватниот сектор и за подобрување на услугите на локално ниво.

Делегацијата на Банката упати и честитки по повод изборот на новиот претседател на државата, Стево Пендаровски, оценувајќи ја позитивно можноста граѓаните демократски да ја изразат својата волја.

Премиерот Заев се заблагодари за континуираната поддршка на ЕБОР, нагласувајќи дека Владата останува посветена на политичкиот дијалог со опозицијата и одличната соработка со соседите, со единствена цел да ги оствари евроатлантските интеграции, што ќе доведе до стабилност, подобрување на условите за работа на домашните компании и привлекување странски инвестиции.

Во рамките на посетата на Владата, Чакрабарти оствари средба и со вицепремиерот Кочо Анѓушев на која стана збор за динамиката на остварување на стратешките капитални проекти во енергетиката, патната и железничката инфраструктура. Анѓушев истакна дека заедничката соработка во дел од клучните проекти значи дека ЕБОР е наш партнер и дека препознава дека во фокусот се потребите на нашите граѓани за подобри патишта, железници, гасовод, проекти значајни и за развојот на економијата и за конкурентно стопанство.

Чакрабарти е во посета на земјава во рамки на регионалната посета на Западен Балкан, пред Годишното собрание на ЕБОР што ќе се одржи од 7-9 мај во Сараево.

Пренесено од МИА
 

Содржината е прочитана 125 пати.